• недела, 29 декември 2024

Македонскиот денар ставен на девизната листа на валути во Србија

Македонскиот денар ставен на девизната листа на валути во Србија
Белград, 7 октомври 2022 (МИА) - Народната банка на Србија (НБС) денеска соопшти дека на листата на валути со кои се тргува на девизниот пазар на Србија од 1 ноември ќе вклучи две нови валути, валутата на Северна Македонија-денарот и валутата дирхам на Обединетите Арапски Емирати, додека хрватската куна ќе биде избришана од 1 јануари 2023 година, кога Хрватска ќе влезе во еврозоната, јави дописникот на МИА од Белград. -При донесувањето на одлуката за вклучување на македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар, Народната банка на Србија се водеше од развиените економски и други форми на соработка меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и на потенцијалот за понатамошен развој на оваа соработка, особено по започнувањето на иницијативата Отворен Балкан, соопшти НБС. Од НБС посочија дека воведувањето на македонскиот денар во листата на валути со кои може да се тргува во Србија треба да го олесни остварувањето на дефинираните цели на оваа иницијатива. Одлуката за бришење на хрватската куна од листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар е донесена земајќи го предвид влезот на Хрватска во еврозоната на 1 јануари 2023 година, со што нејзината национална валута се заменува со евро. НБС од 1 ноември ќе започне со објавување на курсната листа за официјалниот среден курс на динарот и курсната листа за девизи, во која ќе бидат вклучени курсевите на динарот во однос на македонскиот денар и на дирхамот, додека курсот на динарот во однос на хрватската куна ќе биде исклучен од 1 јануари 2023 година. Како што соопштија од НБС, граѓаните до крајот на оваа година ќе можат да ги заменуваат хрватските куни за динари во менувачниците и банките во Србија, по што размената ќе биде можна само во одредени институции во Хрватска.об/са/

Остани поврзан