• сабота, 23 ноември 2024

Македонска предпремиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески во Збажди

Македонска предпремиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески во Збажди
Струга, 27 август 2022 (МИА) - Македонскиот пијанист од светски размери, Симон Трпчески македонската пред премиера на проектот „Македонисимо“ ќе ја изведе вечер во струшкото село Збажди, родното место на неговиот татко. Покрај Трпчески, тимот на „Македонисимо“ го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и кавал свири Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Преработките на традиционалната македонска музика испреплетени во различни стилови се на македонскиот композитор Панде Шахов. Проектот, во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика, според Трпчески, прв пат пред македонската публика ќе биде претставен во областа Малесија, на планината Караорман, место од каде испаднале многу посветени Македонци кои се бореле за своето право, корен и слобода на својата земја. - Тешко е да се најдат зборови за да се изрази задоволството и среќата што „Македонисимо“, кој е посветен на македонскиот народ, си доаѓа дома после петгодишно суштествување на странските сцени. Посебно ме импонира фактот што првото претставување, ќе се одржи во родното село на мојот татко, Збажди, во бунтовна Малесија. Во една револуционерна околија на планината Караорман, која израснала многу паметни луѓе и посветени Македонци, кои се бореле за своето право, за својот корен, слобода и за својата земја. Нешто што, очиглендо, денеска многу и недостига на Македонија или на одреден број луѓе, истакна Трпчески во изјава за МИА. Говорејќи за значењето на областа Малесија и селото Збажди, каде ги минувал летните одмори кај неговите баба и дедо, вели дека пораснал во опкружување, кое му ја довело блиску сржта на македонската народна музика. - Спомените кои многу силно се поврзани со постоењето на нашата музика и луѓето од Збажди и околината покажуваат дека македонскиот дух се уште постои. Таа возбуда, тој порив, жар со кој црковниот одбор во Збажди заедно со цела екипа ја покажува во овој момент за огромниот зафат за одржување на концертот е нешто исклучително и треба да биде пример за она како треба да се сака својата земја, да се сака нешто да се направи, а она што се прави е за доброто на народот, посочи Трпчески, говорејќи со посебни емоции за местото на одржување на концертот. За публиката, која ќе дојде на концертот во предвечерието на празникот Голема Богородица, што е и слава на селото, вети целосно уживање. - А какво ќе биде чуството за нас музичарите на сцена кои битисуваме со „Македонисимо“ низ светот на првото изведување дома, ќе одговориме после концертот. Мислам дека народот е гладен, има луѓе кои сакаат вакви несекојдневни концертни настани. Ова нека биде почеток на македонскиот музички огномет со „Македонисимо“ во Македонија. „Македонисимо“ си доаѓа дома и тоа во Збажди, подвлече Трпчески. сс/вг/

Остани поврзан