• среда, 27 ноември 2024

„Македонска научна и стручна терминологија – Филозофија“ ја доби наградата „Константин Философ“ за филозофска книга за 2023

„Македонска научна и стручна терминологија – Филозофија“ ја доби наградата „Константин Философ“ за филозофска книга за 2023

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Двотомниот лексикографски речник „Македонска научна и стручна терминологија – Филозофија“, подготвен од проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепароски, е прв добитник на нововостановената награда „Константин Философ“ за филозофска книга на годината за 2023.

Наградата „Константин Философ“ ја доделува Филозофското друштво на Македонија кое минатата година ја востанови во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач.

Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023, а номинациите за категоријата филозофска книга на годината траеја до 15 јануари.

Како што информира Филозофското друштво на Македонија, комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови) донела едногласна одлука наградата да се додели на овој лексикографски речник, создаден и објавен во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“, чијшто главен уредник е академик Витомир Митевски.

-Во своето образложение Комисијата истакнува дека „се работи за капитално научно и филозофско остварување, со висок степен на оригиналност за дела од ваков вид, со оправдано очекување за огромно влијание и особено значење за проучувањето, развојот и филозофското творештво во македонското говорно подрачје. Доволно сведоштво за оригиналноста е податокот дека од над 1000 термини 950 се изложени со значителна текстуална експликативна обработка. Влијанието на книгата врз проучувањето на историјата на филозофијата, нејзините современи текови, како и врз развојот и творечката дејност во сите филозофски дисциплини и подрачја е несомнено и очекувано поради долгото чувствување на потребата за стандардизација на македонската филозофска терминологија. Книгата е од големо значење за афирмацијата и развојот на македонскиот јазик што ѝ дава општа културна вредност и целосна општествена оправданост...“, информира Филозофското друштво на Македонија,

Во рамките на 20-тото одбележување на Светскиот ден на филозофијата, минатата година во ноември,  наградата „Константин Философ“ за животно дело му беше доделена на академик Ферид Мухиќ.

-Како дел од истиот циклус, наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината за 2023-та, ќе биде доделена на специјален настан поврзан со одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 11 март 2024. на Филозофскиот факултет во Скопје, се наведува во соопштението. хс/са/

Фото: Филозофското друштво на Македонија

 

Остани поврзан