• петок, 06 септември 2024

Македонската делегација примена од српскиот премиер Милош Вучевиќ

Македонската делегација примена од српскиот премиер Милош Вучевиќ

Белград, 5 септември 2024 (МИА) - Српскиот премиер Милош Вучевиќ синоќа во Белград ја прими и водеше разговори со македонската делегација предводена од заменик претседателот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата е разговарано за политичката и економската соработка меѓу двете држави, а теми биле и Отворен Балкан и железничкото поврзување на Белград со Скопје со брз воз.

-Ми претставува огромно задоволство што денешната работна посета на претседателот на Владата на Република Србија Милош Вучевиќ освен што го отслика нивото на одличните билатерални односи меѓу македонската и српската држава беше и одлична прилика за дефинирање на следните заеднички чекори  и активности. Во фокус на разговорите беше можноста за претставување и учество на македонското стопанство при реализацијата на ЕКСПО 2027 година, како и иницијативата за одржување меѓувладини седници меѓу македонската и српската Влада, кои би требало да трасираат нови можности за подобрување на билатералната соработка, како и можности за заедничка соработка со трети пазари. Со премиерот Вучевиќ зборувавме и за интензивирање и унапредување на активностите поврзани со процесот Опен Балкан.  Согласни сме дека со интензивирање на економската соработка придонесуваме за регионален мир и стабилност. Во рамки на оваа работна средба која воедно е и подготовка за посетата на претседателот на Владата на Република Србија Вучевиќ на покана од претседателот на македонската Влада Христијан Мицкоски, планирана за крајот на септември, предвидени се уште неколку работни состаноци кои верувам дека ќе бидат исто толку продуктивни колку и денешнате средби и, пред сѐ, ќе придонесат за продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји, изјави вицепремиерот Стоилковиќ на прес-конференцијата.

Тој се осврна и на темата за изграда на Коридорот 10 меѓу Белград и Скопје.

-Бидејќи тендерот во македонските железници се завршува во текот на оваа недела, ќе можеме да го реализираме она што го ветивме, а тоа е конечно локомотивите да почнат да сообраќаат и да може Коридорот 10 да функционира. Овој коридор во македонски железници подолго врме е во лоша состојба, но новата влада и министерот Николовски посветуваат повеќе внимание за овој коридор од останатите коридори и Мaкeдонија има намера да се приклучи кон изградба на брзата пруга, период кој ќе трае наредните 5- 6 години, да се поврзе Солун преку Скопје и Ниш, Белград, Будимпешта и Австрија, рече Стоилковиќ. 

Српскиот премиер Милош Вучевиќ посочи дека двете држави имаат многу заеднички нешта, дека нема отворени прашања меѓу двете земји и дека наше е да ги подобриме овие односи, да работиме на зајакнување на Западен Балкан и влез во ЕУ, за да не останеме „слепо црево“ и заборавени во оваа геополитичка поделба.

Вучевиќ смета дека мора да бидеме вреднувани согласно сите реформи и потсети дека Северна Македонија имала тешки реформи, што е нешто што треба да се вреднува.

-Треба да формираме мешовита комисија за економска соработка. Разговарав со министерот Момировиќ тоа да се забрза, не чека потпишување на меморандум за интерконекторот за снабдување со гас, Србија сака да има диверзификација на енергентите. Треба да работиме и на единствен софтвер за луѓето да не се задржуваат на граничните премини, да нема метеж. Заинтересирани сме за соработка за она што е Отврен Балкан, ќе имаме новости за ЦЕФТА, а најважно е да се зачува мирот на Западен Балкан, тоа ни треба на сите, рече Вучевиќ.

Српскиот премиер уште еднаш упати честитки до новата влада на Северна Македонија, истакнувајќи дека таа ќе биде достојна за одговорност пред граѓаните. Посочи дека не памети Србин да бил член на македонската влада.

-Затоа сме му благодарни на македонскиот премиер Мицкоски и го чекаме во Белград. Среќен сум поради продолжувањето на соработката меѓу двете земји, рече Вучевиќ.

Посетата на македонската делегација продолжува и денеска со средби со министерот за финансии Синиша Мали и министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ. об/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан