• вторник, 10 март 2026

Македонската гајда и турскиот тулум ќе се претстават во Истанбул

Македонската гајда и турскиот тулум ќе се претстават во Истанбул

Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Во Македонскиот културен центар во Истанбул вечер во 20 часот ќе се одржи културен настан посветен на заедничката традиција на македонската гајда и турскиот тулум, како значаен дел од нематеријалното културно наследство на двата народа. 

Настанот се организира по повод 10 март – Меѓународниот ден на гајдата, со панел-дискусија на која ќе учествуваат експерти од Македонија и Турција. Панелот ќе биде посветен на историските, културните и етномузиколошките аспекти на гајдарската традиција, како и на нејзината улога во современото културно наследство, информираат од Македонскиот културен центар во Истанбул.

Особено внимание ќе биде посветено на процесот на впишување на гајдата и тулумот, кои беа заедно внесени на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото во УНЕСКО. Ова признание претставува значаен пример за успешна културна соработка меѓу Македонија и Турција.

Во рамките на програмата, преку презентација ќе бидат претставени и органолошките карактеристики и разликите меѓу македонската гајда и турскиот тулум, како и регионите и заедниците во двете земји каде што оваа традиција и денес активно се практикува.

Македонската гајда на панел-дискусијата ќе ја претстави Управата за заштита на културно наследство, предводена од директорката Весела Честоева, која ќе говори за нејзиното значење, традиција и процесот на нејзината меѓународна заштита, како и Ивона Опетческа-Татарчевска, раководител на Секторот за меѓународна дејност при Управата за заштита на културно наследство и виш соработник за фолклорни добра.

Настанот ќе биде збогатен и со изведби на гајда и тулум во живо, кои на публиката ќе ѝ овозможат автентично музичко доживување и непосредно запознавање со звучниот свет на оваа древна традиција.

Од Македонскиот културен центар во Истанбул посочуваат дека со настанот официјално ќе ја отворат својата културна програма за годинава, продолжувајќи ја својата мисија на промоција на македонската култура и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Турција. рп/хс/

Фото: Македонски културен центар во Истанбул

Остани поврзан