• недела, 22 декември 2024

МАЕИ спроведе акција за чистење и холтикултурно уредување на дворот и околината на манастирот во Туминец

МАЕИ спроведе акција за чистење и холтикултурно уредување на дворот и околината на манастирот во Туминец

Дебар, 20 мај 2023 (МИА) - Општинскиот комитет за Преспа на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ денеска организираше акција за чистење и хортикултурно  разубавување на манастирот Света великомаченица Марина, Марена – Огнена Марија, во непосредна близина на селото Туминец, општина Пустец, информираше за МИА лидерот на партијата Васил Стерјовски.

-Во дворот на манастирот нашите членови, покрај другото, засадија и зимзелени дрвца. На акцијата од Република Македонија се придружија и претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров и познатиот интерпретатор на македонската песна Круме Спасовски, додаде тој.

Според него, покрај други зафати, кои се потпомогнати од верници, за изградба на камбанарија во овој познат манастир, македонските иселеници, главно  од Преспа, неодамна на дарителна вечер организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собрале 20 илјади канадски долари.

Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.

-На езерскиот брег се наоѓа и манастирот " Света Марена " каде се чуваат поголем дел од моштите на светицата и каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти. Манастирот датира од 18 век а обновен е 1926 година. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, локација која самата по себе дава дополнителна убавина и привлечност. Доколку еднаш се посети не ве остава рамнодушен и ќе посакате  повторно и повторно да го посетите, посочува Стерјовски.

Додава дека секоја година на 30 јули, кога се слави патронот на манастирот, преполно е од народ, верници доаѓаат од Мала Преспа, дијаспората, од Лерин, Охрид, Струга, Ресен и многу други места.вт/бт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан