МАЕИ и Патриотското друштво од Скопје за Василица со пакетчиња ги израдуваа децата во Корча и Пустец
- Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во соработка со Патриотското друштво од Скопје, по повод Стара Нова година - Василица, со новогодишни пакетчиња ги израдува децата со македонско потекло во Корча и во општина Пустец.
Пустец, 14 јануари 2026 (МИА) - Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), во соработка со Патриотското друштво од Скопје, по повод Стара Нова година - Василица, со новогодишни пакетчиња ги израдува децата со македонско потекло во Корча и во општина Пустец.
Во Пустец пакетчињата беа поделени во училиштето „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиефски“.
Во име на МАЕИ пакетчињата ги подели Атанас Плоча, заменик-градоначалник на општина Пустец, кој истакна дека ваквите активности имаат посебно значење за зачувување на македонската традиција меѓу најмладите.
- Посебно ми е драго што по повод Старата Нова година - Василица заедно со МАЕИ и Патриотското друштво од Скопје успеавме да им приредиме мал празник на нашите деца. Радоста во нивните очи е најголемата потврда дека ваквите акции се потребни и значајни - изјави Плоча.
Порача дека МАЕИ и понатаму ќе продолжи со активности насочени кон поддршка на македонската заедница во Албанија.
Од МАЕИ информираат дека акцијата ќе продолжи и во областа Голо Брдо, каде исто така ќе бидат поделени пакетчиња за децата со македонско потекло, со цел празничната радост да стигне до што повеќе дечиња. вт/мд/
Фото: МАЕИ