• петок, 26 јули 2024

Лукаревска: Со ребалансот не се предвидува покачување на платите, ниту почитување на колективните договори

Лукаревска: Со ребалансот не се предвидува покачување на платите, ниту почитување на колективните договори

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) – Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска, на прес-конференција ги изнесе првичните согледувања за новиот ребаланс на Буџетот, којшто вчера го презентираше министерката на финансии Гордана Димитриеска – Кочоска.

Со предвидениот буџетски дефицит од 4,9 отсто и покачување на јавниот долг за 68 отсто, Лукаревска вели владеачката ВМРО-ДПМНЕ има намера да ја води државата во погрешен правец. Со ваквите буџетски политики, додаде таа, владеачката партија ќе направи хаос, како и зависност од кредитирање.

– СДСМ успеа да го намали буџетскиот дефицит на 3,6% и да го намали јавниот долг до 55%, сега ВМРО-ДПМНЕ го покачува дефицитот за цели 36%, а јавниот долг на ризични 68%. Овој процент на јавен долг е спротивен на Мастришките декларации и сериозно ќе го наруши кредитниот и финансискиот рејтинг на земјава. ВМРО-ДПМНЕ со овие буџетски политики ќе направи хаос и ќе создаде зависност од кредитирање, не постои ниту еден сериозен финансиски експерт или макро економист кој овој ребаланс го смета за оправдан, рече Лукаревска.

Нагласи дека со ребалансот не се предвидува покачување на платите, ниту почитување на колективните договори, затоа што, како што рече, работниците се неважни за ВМРО-ДПМНЕ. 

– Замислете, им се ветува на луѓето дека загарантираната плата која никогаш во последните 7 години не била доведена до прашање, тие ќе ја обезбедат. Какво потценување и манипулирање. Им порачувам на работниците да не дозволат ваква манипулација. Единствена причина зошто ова го прават е тоа дека покачување на плати нема да има и да бидат среќни што воопшто земале плата. Ова е жално и потценувачки за работниците, рече Лукаревска.

Вели апсолутна лага е дека владата на СДСМ не предвидела плати, посочувајќи дека седум години обезбедувала плати, редовни покачувања, како и девет пакети антикризни мерки, додека истовремено го намалила јавниот долг и буџетскиот дефицит.

– Не само што нема проблем да се обезбеди плата, туку да беше СДСМ на власт во првите 100 дена ќе беше покачена минималната плата и ќе беа исплатени сите плати со покачување согласно потпишаните колективни договори. Апсолитна лага е дека немало предвидено плати или институции немале да земат плата, седум години во три кризи владата на СДСМ обезбедуваше плати и редовни покачувања, обезбеди девет пакети антикризни мерки, истовремено намалувајќи го јавниот долг и буџетскиот дефицит, нагласи Лукаревска.

Во секој ребаланс после избори, додаде таа, нормално е да се прераспредалат средства, но, како што рече, плати за вработени во јавен сектор никогаш не се доведувале до прашање. Истакна дека тоа што нема пари не е поради Буџетот, туку поради другите приоритети на владеачката партија и се осврна на обвинувањата дека во Буџетот немало предивдено плати за одредени институции, за што појасни дека тоа е поради изборниот процес и превенирањето на изборен поткуп.

– Парите не се предвидени затоа што бевме во изборен процес и не сакавме да направиме изборен поткуп како што тоа се правеше во минатото од страна на политичкиот опонент. Во секој ребаланс после избори е нормално да се прераспределат средства, а плати за вработени во јавен сектор никогаш не се доведуваат во прашање, појасни Лукаревска. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, вчера го презентираше ребалансот на Буџетот, за што рече дека за исплата на плати предвидени се вкупно 4,1 милијарда денари, додека за исплата на пензиите пет милијарди денари. Според министерката, со ребалансот се обезбедени 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет. 

Димитриеска – Кочоска обвини дека во дел од институциите имало предвидени плати само до јуни.  ра/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан