• понеделник, 23 декември 2024

Лондон: Илјадници демонстранти бараа заштита на природата и климата

Лондон: Илјадници демонстранти бараа заштита на природата и климата

Лондон, 22 јуни 2024 (МИА) - Илјадници луѓе денеска учествуваа на демонстрациите во Лондон поддржани од еколошката организација Extinction Rebellion и WWF, за да ги повикаат политичарите да донесат одлуки кои ќе ги заштитат природата и климата.

Британската актерка Ема Томпсон и британскиот водител Крис Пакам ги предводеа овие демонстрации повикувајќи „секој да се сврти кон природата сега“.

Демонстрантите го напуштиле Хајд паркот во добра атмосфера и пешачеле до министерската област. На демонстрациите, на кои им се приклучија учесници од целата земја, беа вклучени и некои облечени во животински костими.

„Нема живот без диви животни“, „Нема копче за ресетирање“, пишуваше на транспарентите.

„Престанете да бидете толку неодговорни. Не можам да верувам колку не се посветени на климата за време на изборната кампања“, изјави Ема Томпсон обраќајќи им се на политичарите.

Крис Пакам рече дека „не е многу импресиониран од содржината на програмите“ на различните британски политички партии.

„Кога станува збор за решавање на вистинските големи проблеми, нема суштина, посветеност или решителност да се решат. И тоа е навистина разочарувачки“, рече тој.

Демонстрациите се одржаа точно две недели пред парламентарните избори закажани за 4 јули.

Анкетите во пресрет на изборите покажуваат дека лабуристите имаат поголема поддршка, па затоа се предвидува загуба на конзервативците, кои беа на власт во последните 14 години. зш/

Остани поврзан