• понеделник, 16 декември 2024

Локални избори во Белгија: Левицата води во Брисел и Валонија, десницата во Фландрија 

Локални избори во Белгија: Левицата води во Брисел и Валонија, десницата во Фландрија 

Брисел, 13 октоври 2024 (МИА) - Првичните резултати од денешните локални избори во Белгија донесоа неколку изненадување и ги потврдија стравувањата дека незадолжителното гласање во регионот Фландрија ќе резултира со послаб одѕив на избирачите.  

Според првичните резултати, социјалдемократите освоија најмногу гласови во Брисел и Валонија, а десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) во Фландрија.   

Врз основа на досега преброените гласови, листата на валонската Социјалистичка партија (ПС) и фламанската социјалдемократска партија Напред (Ворујт), предвидена од актуелниот градоначалник на Брисел, Филип Клоз освои над 28 проценти од гласовите, пред либералниот блок на валонското Реформско движење (МР) и Отворените фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) со нешто над 21 отсто. Ваквата разлика претставува изненадување, имајќи предвид дека се превидуваше неизвесна трка меѓу Клоз и кандидатот на либералите, Давид Вејцман. 

Најголем раст на популарноста бележи екстремно левичарската Работничка парија на Белгија (ПТБ/ПВДА) која освои речиси 13,5 отсто од гласовите, пред еколошката листа на Еколо и Зелените за која гласале околу 13 проценти од жителите на Брисел. 

Второ изненадување е слабиот резултат на регионалната центристичка партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ) во бриселската општина Скарбек. Листата на ДЕФИ, предводена од актуелниот градоначалник на Скарбек, Бернард Клерфејт се најде дури на петтото место со освоени 12,5 отсто од гласовите, односно речиси 20 процентни поени помалку во споредба со претходните избори во 2018 година. ПС засега е во водство и во Скарбек со околу 19 отсто од гласовите пред коалицијата на МР и центристичката партија Посветените (ЛЕ) со нешто над 18 проценти, Еколо со нешто под 18 отсто и ПТБ со над 13 проценти. Независната листа „Тим на Фуад Ахидар“ доби речиси девет отсто од гласовите. 

Во бриселската општина Иксел, во водство е листата на екологистите предводена од актуелниот градоначалник Христос Дулкеридис со околу 28,5 отсто од гласовите пред МР-Опен ВЛД со нешто под 28 проценти и  ПС-Ворујт со околу 20 отсто. 

Во Сен Жос, со над 50 отсто од гласовите води листата на актуелниот градоначалник Емир Кир, кој во 2020 ја напушти ПС и на овие избори настапи со независен кандидатска листа. Кир е роден во Белгија, но има турско потекло. 

Во уште една бриселска општина, Моленбек води блокот на ПС и Ворујт со над 23 проценти, пред ПТБ/ПВДА со нешто над 22 отсто, МР со околу 17 проценти и „Тимот на Фуад Ахидар“ со речиси 15 отсто. 

Во Валонија, каде на парламентарните и регионалните избори во јуни победи МР, првичните резултати укажуваат на раст на поддршката на ПС и веројатна освојување најмногу гласови.  

Во овој регион очите се вперени кон градот Монс, каде лидерот на МР, Жорж-Луј Буше се бори за градоначалничката функција со актуелниот градоначалник, социјалистот Никола Мартен. Според првичните резултати, листата на ПС има над 44 отсто од гласовите, пред МР со речиси 30 проценти. 

Во Шарлероа, во водство е ПС со над 43 отсто од гласовите пред МР со над 19 проценти, ПТБ со речиси 18 и ЛЕ со околу 13 отсто.  

Во Лиеж, води листата предводена од градоначалникот Вили Демајер од ПС со над 29 проценти од гласовите, пред МР со околу 20 отсто, ПТБ со над 18, Еколо со околу 14,5 и ЛЕ со речиси 13 проценти.  

Во валонскиот главен град Намур во убедливо водство е листата на ЛЕ, предводена од партискиот лидер и актуелен градоначалник Максим Прево со речиси 44 проценти од гласовите, пред ПС со околу 16 отсто, МР со околу 15 и Еколо со над 12 проценти. 

За разлика од Брисел и Валонија, каде гласањето е задолжително, во Фландрија на овие избори таквата обврска за граѓаните беше укината, со што е остварена излезност од 63 проценти. 

Во најголемиот град во Фландрија, Антверпен во водство е листата на Н-ВА, предводена од кандидатот за нов белгиски премиер и актуелен градоначалник Барт де Вивер со над 37 отсто од гласовите, пред ПВДА со над 20 проценти, Ворујт со речиси 13 отсто и Зелените и екстремно десничарската партија Фламански интерес (ВБ) со по речиси 11 проценти. 

Во Гент води десно центристичката партија Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ) со над 43 отсто освоени гласови, пред Н-ВА со околу 30 проценти, блокот на Ворујт и Зелените со речиси 11 и ВП со над осум отсто.  

ЦДВ е во водство и во Бриж со над 38 проценти, пред Ворујт со над 20 отсто, Н-ВА со околу 11, ВБ со над осум и Зелените со речиси осум проценти. 

Во Лувен, води Ворујт со околу 42 отсто од гласовите , пред Н-ВА со речиси 20 проценти, ЦДВ со над 14 и Зелените со речиси 12 отсто. 

Најголемо изненадување во Фландрија има во Нинове, каде  според досегашните резултати ВБ е на добар пат да обезбеди апсолутно мнозинство во општинскиот Совет.   

Инаку, на локални избори во Белгија право на глас покрај белгиските државјани, имаат и странци со легален регулиран престој во земјата. Членовите на општинските совети со избираат според пропорционален изборен модел со отворени листи. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан