• сабота, 23 ноември 2024

Лозано Гарсија: Граѓанските општества се значаен актер во евроинтеграциските процеси и за развојот на билатералните односи

Лозано Гарсија: Граѓанските општества се значаен актер во евроинтеграциските процеси и за развојот на билатералните односи

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) - Граѓанските општества се значаен актер, учесник во сите процеси во општеството, а кога се однесува на прашањето на ЕУ,  од големо значење е да сметате на нив, вели шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија, во однос на првиот билатерален форум на тинк-тенк организации од Северна Македонија и Шпанија под наслов „Размислуваме и работиме заедно“, кој вчера и денеска се одржува во Скопје во организација на Институтот „Преспа“, а на заедничка иницијатива со Кралскиот институт Елкано од Мадрид.

Во однос на билатералните односи на релација Мадрид - Скопје, амбасадорот Лозано Гарсија нагласи дека форумот е многу значаен бидејќи ќе го поттикне и развојот на билатералните односи. При тоа го подвлече значењето на посетите на шпанскиот премиер Педро Санчез лани во август и на шефот на дипломатијата Хосе Мануел Албарез Буено, во април, годинава како потврда за шпанската поддршка за европскиот пат на земјава. 

-Всушност, посетите на премиерот Санчез лани во август која беше прва посета на странски државник на земјава по отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, минатиот јули, и посетата на министерот Албарез во пресрет на шпанското претседателство сами по себе го покажуваат интересот на Мадрид за зајакнување на соработката со Северна Македонија, не само на билатерално ниво туку и во контекст на поддршка на нејзиниот европски пат, вели амбасадорот Лозано Гарсија.

Извршниот директор на Преспа Институтот Андреја Стојковски истакна дека овие два дена на првиот македонско-шпански форум на тин-тинк организации, истражувачи и аналитичари споделија позиции на двете страни за процесот на проширување. На оваа тема, како и за улогата на Шпанија и очекувањата на Северна Македонија, минатата недела во Мадрид присуствувал на конференција, организирана од Кралскиот институт Елкано - кој важи за највлијателната тинк-тинк организации во Шпанија, а која учествува и  на овој форум во Скопје.

-Мислам дека има многу простор за нивно инволвирање внатре во шпанското општество, промоција во однос на тоа што значи македонски случај, пристапување, доста спроведени реформи сега и очекувања за иднината. Тоа е првата точка којашто можеме да ја очекуваме и да ни биде помош, којашто може да ја очекуваме од нив. Се надевам дека ќе имаат многу поактивна улога од она што го имале досега. Ова е првпат да се случува ваков собир на тинк-тинк организации помеѓу Македонија и Шпанија. Очекувам ова да биде вистински почеток за во иднина да имаме нови вакви средби или повеќе соработка меѓу тинк-тинк организациите. Единственото мое очекување од целиот форум е дека од следната година, или од втората половина од оваа година ќе има веќе воспоставена соработка меѓу сите организации, коишто беа овде присутни, не само од Шпанија, туку и од Северна Македонија. Затоа се потрудивме да бидат вклучени сите тинк-тинк организации од државата, да бидат поканети, да имаат можност да разговараат, да ги претстават своите истражувања и анализи, за да можат да продолжат да работат заедно понатаму, вели Стојковски.

Прашан во однос на изајата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дали е реално да се очекува членство во ЕУ за четири години, тој вели не може да коментира таква изјава и го сподели личното искуство.

-Во 2000, година некаде во септември дипломирав, во октомври почнав со работа во тогашното одделение за европска интеграција и во втората половина од ноември присуствував на последната рунда преговори за Спогодбата за стабилизација и асоцијација. И еве 23 години подоцна и покрај сите надежи дека ќе бидам државјанин на ЕУ и ќе работам во држава членка на ЕУ., тоа не се случува. Така што не можам да коментирам за изјавата на Ахмети, иако во овој момент има различни услови од 2000-та година за времето кога зборувам, вели Стојковски. вг/аа/

 

Фото: МИА 

 

Остани поврзан