• среда, 27 ноември 2024

Лишен од слобода кавадарчанец, во врска со пријавени украдени коњи за Илинденски марш 

Лишен од слобода кавадарчанец, во врска со пријавени украдени коњи за Илинденски марш 

Кавадарци, 26 јули 2024 (МИА) - Лишен од слобода бил кавадарчанец, во врска со пријавени украдени коњи за Илинденски марш.  

- На 25.07.2024 во 08.20 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода И.В.(44) од Кавадарци. Кај  него бил пронајден и одземен еден коњ, за кој претходно во Полициската станица Аеродром во Скопје било пријавено дека е украден заедно со уште два други коњи, кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш. На ливада во близина на улица „Клинска“ во Кавадарци биле пронајдени и другите два коњи и биле вратени на сопственикот. По документирање на настанот против И.В. ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од СВР Велес. 

Вчера МИА информираше дека  коњи учесници во Илинденскиот марш кои претходно биле пријавени за украдени во Скопје, биле пронајдени во Кавадарци. Од СВР Велес вчера потврдија за МИА дека имаат евидентирано таква пријава во кавадаречката полиција. 

- Денеска 25.07.2024 во ОВР Кавадарци, И.Т. од Скопје пријавил дека на ливада во близина на улица ,,Клинска" во Кавадарци, ги пронашле коњите кои биле ангажирани за учество во Илинденскиот марш, за кои претходно во Полициска станица Аеродром во Скопје, било пријавено дека се украдени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, пишуваше во писмениот одговор од портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска. 

Оваа фотографија МИА вчера  ја направи во паркчето спроти полицијата во Кавадарци, во централното градско подрачје. Покрај коњот беа неколку лица. Едниот од нив ни се претстави како Игор Тасевски и рече дека е сопственик на еден од коњите што биле украдени, коњот Тошка. 

- Всушност, беа украдени три коњи од седиштето на Илинденскиот марш во Горно Лисиче, пронајдени се во Кавадарци, рече тој. свд/сст/


Фото : МИА 

Остани поврзан