• сабота, 23 ноември 2024

Лишена од слобода инспекторка поради примање поткуп

Лишена од слобода инспекторка поради примање поткуп

Куманово, 1 ноември 2024 (МИА) - Полицијата уапси инспекторка од Куманово при примање мито, соопшти денеска МВР. Во соопштението се наведува дека инспекторката е уапсена во ресторан, откако примила технички обработени пари коишто ѝ ги дал граѓанин кому таа претходно му побарала мито, првин 1.500, а после и 4.000 евра за да не му издаде решение за запирање на градба.

Од МВР информираа дека СВР Куманово во содејство со Одделот за криминалистичка полиција денеска во 13:30 часот постапило по наредба од Основното јавно обвинителство Куманово за расчистување на кривично дело „примање поткуп“ при што е лишена од слобода Л.Т., овластен градежен инспектор во Општина Куманово, која била затекната како прима поткуп од 4.000 евра.

- На 25 септември годинава граѓанин во СВР Куманово пријавил дека овластениот градежен инспектор Л.Т. при општина Куманово, која вршела контрола на објект во изградба кој оштетениот го градел и на кој пријавената при контрола на записник констатирала отстапување од одобрението за градење, а за да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежно ОЈО или суд, му побарала поткуп најпрво во сума од 1.500 евра, за да на 31 октомври, годинава ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра. По добиената пријава, известено е ОЈО Куманово и преземени се соодветни мерки. На оштетениот му се дадени технички обработени пари кои тој денеска во ресторан во Куманово и ги дал на Л.Т. Откако Л.Т. ги зела парите, била лишена од слобода од страна на полициски службеници од ОКП при МВР и ОЕК при СВР Куманово, информираа од полицијата.

По целосното документирање на случајот, Л.Т. ќе биде изведена пред надлежен јавен обвинител при ОЈО Куманово. ам/фф/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан