Литературна вечер „По стапките на Стерјо Спасе" во музејот во Глобочани
- На настанот присуствуваше и внукот на Стерјо Спасе, Аријан, кој е дипломат од кариера, а градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, како организатор на настанот, најави дека оваа вечер ќе прерасне во традиција секоја година, за да се одржи живо сеќавањето и да се оддаде почит на ликот на Стерјо Спасе.

Дебар, 15 август 2025 (МИА) - Во музејот во Глобочани, општина Пустец, се одржа литературна вечер „По стапките на Стерјо Спасе", во чест на 111- годишнината од раѓањето на овој наш голем писател.
Како што објави Општина Пустец, Глобочани стана средиште на љубителите на уметноста, истражувачите и пријателите на литературата кои му оддадоа почит на Спасе, една од најзначајните фигури на нашата култура, гордоста на Преспа и бесмртно име на албанската книжевност.
На настанот присуствуваше и внукот на Стерјо Спасе, Аријан, кој е дипломат од кариера, а градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, како организатор на настанот, најави дека оваа вечер ќе прерасне во традиција секоја година, за да се одржи живо сеќавањето и да се оддаде почит на ликот на Стерјо Спасе.
Аријан Спасе изнесе сеќавања од животот на својот дедо и драгоцени детали за неговото творештво.
-Тој со нас сподели редок материјал – интервју дадено од Стерјо Спасе пред околу половина век, документ кој отвора нови прозорци за истражувачите на неговото дело, стои во објавата на Општина Пустец.
На литературната вечер присуствуваа и професорката и истражувач Марија Доjче која презентираше вредни податоци за ликот и творештвото на Спасе како еден од елементите што ги зближуваат културите и идентитетите, претседателот на македонското друштво „Сонце“, Васил Стерјовски, писателите од Друштвото на писатели „Нов свет“, како и новинарите Ефтим Митревски, Јоргјета Ѓанци и Ерјона Памбуку, кои споделиле размислувања за неговото литературно наследство и влијанието врз генерациите.
-Врвниот момент на вечерта беше мајсторската интерпретација на актерот Кристијан Коровеши, кој на сцената презентираше фрагменти од романот „Зошто?“, ремек-делото што му го обезбеди на Спасе неговото неприкосновено место во историјата на албанската литература. Стерјо Спасе не е само извонреден писател, тој е инспирација која нè потсетува дека литературата има моќ да нè обедини, да нè збогати и да нè направи горди на нашите корени, наведува Општина Пустец.
Музејот во Глобочани го носи името на Стерјо Спасе. вт/мч/