• среда, 29 јануари 2025

Лимани: Да го унапредиме квалитетот на предучилишното образование и да ја афирмираме професијата воспитувач

Лимани: Да го унапредиме квалитетот на предучилишното образование и да ја афирмираме професијата воспитувач

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Предлог-програмата „Иницијално образование“ била претставена на денешната  средба со Консултативната работна група за ран детски развој, на која присуствувале декани од педагошките факултети во државата, професори, експерти, вработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Проектната единица на Министерството.

На средбата присуствувале и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани,  деканот на Филозофскиот факултет-Скопје, проф. д-р Оливер Бакрески, и вишиот специјалист за образование од Светска банка, Бојана Нацева.

Како што соопшти Министерството,  на отворена дискусија биле разменети мислења од искуствата на факултетите кои веќе ја имплементирале програмата и биле предложени идни чекори.

Министерот Лимани во своето обраќање изразил задоволство од денешната средба која, рекол, има  цел преку заедничка работа да се усогласат студиските програми на педагошките факултети, „кои се клучни за обезбедување квалитетни услуги во предучилишното згрижување и воспитание, како и за унапредување на професионалните компетенции на воспитувачите во Република Северна Македонија“.

-Децата се нашата иднина и секогаш ќе останат во фокусот на нашето внимание. Со оваа реформа имаме за цел да создадеме современ профил на дипломиран воспитувач, кој ќе биде во согласност со потребите на современите деца и ќе поседува знаења и вештини кои одговараат на најновите педагошки стандарди, посочил Лимани.

Министерството информира дека новиот понуден пристап овозможува унифицирано јадро на клучни предмети, со што ќе се дефинира единствен национален профил за воспитувач, подобрување на практичната настава и зајакнување на критериумите за избор на ментори и градинки, како и зголемување на националната академска мобилност.

-Воспитувачите се клучни личности кои работат со нашите најмлади во предучилишните установи и ги поставуваат темелите за нивниот образовен и личен развој. Тоа е првото место каде детето, по семејството, ќе биде насочено и поддржано да го оствари својот целосен потенцијал. Ние како Министерство имаме обврска да обезбедиме соодветна подготовка на идните воспитувачи, кои ќе играат клучна улога во формирањето на идните генерации, истакнал Лимани.

Според него, преку заедничка соработка ќе се овозможи изградба на  одржлив систем кој ќе ги подготви студентите за реалните предизвици во праксата и ќе постави цврсти темели за идниот развој на воспитно-образовниот процес во нашата земја. хс/дма/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

 

Остани поврзан