• сабота, 28 декември 2024

Ликовна изложба со најновите пејзажи на академскиот сликар Павле Кузманоски

Ликовна изложба со најновите пејзажи на академскиот сликар Павле Кузманоски

Тетово, 18 ноември 2023 (МИА) - Академскиот сликар Павле Кузманоски од Тетово вчеравечер во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ) ги претстави најновите неговите дела 20 пејзажи во пастел.

За оваа изложба авторот, инаку на 84 години, на свеченото отворање рече дека бил на некој начин и предизвикан од сограѓаните кои го среќавале и го прашувале дали сè уште твори.

- Дали работиш уште, дали сликаш, дали црташ, ме прашуваа многумина кои ќе се сретнат. Тоа ми даде еден предизвик, зошто да зборуваат така и реков да направам една изложба за да покажам и докажам дека сè уште работам. Би споменал на една анегдота, за сликарот Жан Реноар, кој на над 90 години кога рацете не му држеле четка барал да му ги врзат четка за раце и сликал. Па сакав да направам нешто што е соодветно за моите желби, посочи Кузманоски.

Дваесетината пејзажи се претежно од Шар Планина, а меѓу нив и неколку за месноста Лешница. Воедно во изложбениот салон на Музејот изложена е сликата „Три невести-Сетолчанки“.

- Оваа слика беше изработена во 1975 година како скица за натпревар, но оставена во мојот подрум речиси 50 години во ролна. Кога ја видов дека е зачувана решив да се изложи, рече Кузманоски.

Академскиот сликар Павле Кузмановски е роден 1939 во Тетово. Во 1959 г. завршил школа за применета уметност – Скопје. Во 1966 г. дипломирал на Академијата за применети уметности – Белград. До сега приредил 50-тина самостојни ликовни изложби, а учествувал на преку 250 колективни ликовни изложби во земјата и во странство. Добитник на значајни награди за сликарство, меѓу кои последната е државна награда „11 Октомври“ за животно остварување во областа на културата, науката, уметноста и дејностите од јавен интерес во 2021 година. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан