• вторник, 24 декември 2024

Лиз Трас - од невообичаена говорничка, „кралица на Инстаграм“ до премиерка

Лиз Трас - од невообичаена говорничка, „кралица на Инстаграм“ до премиерка
Лондон, 5 септември 2022 (МИА) - По пребројувањето на гласовите од членовите на британската Конзервативна партија, поранешната министерка за надворешни работи, Лиз Трас, е избрана за лидерка на ториевците, со што автоматски станува премиерка на Велика Британија. Политичкото патување ја одведе од либерална демократка до ториевци, од невообичаена говорничка до „кралица на Инстаграм“, како што ја нарече нејзин колега, пренесува Скај Њуз. Нејзиниот понекогаш вкочанет стил стана видливо поопуштен, а сојузници се обидоа да го „омекнат“ имиџот на Трас, откривајќи ја нејзината љубов кон караоке и дружењето. Трас има 47 години и родена е во Оксфорд. Нејзиниот татко бил професор по математика, а нејзината мајка, медицинска сестра. Таа е поранешна либерално демократска активистика, која маршираше против Маргарет Тачер во 80-те години од минатиот век. Во 2012 година, по две години откако стана пратеничка, таа влезе во Владата како министерка за образование, а во 2014 година доби унапредување во секретарка за животна средина. Во 2016 година, водеше кампања за Велика Британија да остане во Европската Унија. Подоцна го промени ставот кога Британците го поддржаа Брегзит. Сопругот на Трас, со кого има две ќерки тинејџерки, е сметководителот Хју О’Лири. Трас за пратениците од ториевците не беше прв избор за замена на Борис Џонсон. Сега таа ќе биде трета британска премиерка, по Тереза Меј и Маргарет Тачер. бд/ссм/

Остани поврзан