• сабота, 23 ноември 2024

Лидерите на Отворен Балкан: Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во ЕУ

Лидерите на Отворен Балкан: Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во ЕУ
Скопје, 8 јули 2022 (МИА) - Нашата соработка е конкретна, за силен економски регион подготвен за членство во Европската Унија, констатираа премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама на денешниот онлајн состанок посветен на интензивирање на соработката за заедничко надминување на потешкотиите околу снабдувањето со храна и енергија, како и за заедничко справување со можни пожари во трите земји летово.
Лидерите, како што соопшти владината прес-служба, договорија создавање мешани меѓуресорски работни групи по кризните теми и со цел создавање заедничка агенција за привлекување странски инвестиции на Отворен Балкан.На состанокот, присуствуваа и вицепремиерите за европски прашања и економски прашања Маричиќ и Битиќи, националниот координатор за Отворен Балкан, Марјан Забрчанец, директорот на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.  
На почетокот на состанокот, премиерот Ковачевски се заблагодари за отворената поддршка која претседателот Вучиќ и премиерот Рама ја изразија во врска со модифицираниот европски предлог, информирајќи дека предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со Европската Унија, претставена од Француското претседателство со ЕУ, Владата ја проследи до Собранието на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието.
Рама и Вучиќ, како што е наведено во соопштението, одделно ја повторија поддршката кон преземените активности на премиерот Ковачевски, односно отворањето на широки консултации со општествените чинители во државата, посочувајќи дека европската иднина на регионот е единствената добра опција за граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија.  На денешниот состанок, лидерите на иницијативата Отворен Балкан ја истакнаа важноста на преземените активности за искористување на регионалната поврзаност и овозможување на слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги, што веќе дава економски бенефити за сите граѓани.На состанокот, лидерите констатираа дека одлично тече подготовката на големиот саем на вино, храна и туризам во Србија, на кој винариите и производителите од трите држави ќе имаат можност да ги презентираат нивните производи на гости од регионот и Европа.
  -Се договоривме дека оваа голема и уникатна манифестација, која веруваме дека ќе прерасне во добра пријателска традиција, истовремено е и исклучителна промоција на нашите три земји, но и можност за производителите од регионот да се приклучат и да ги претстават своите најдобри и ексклузивни производи, напиша Вучиќ на Инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, јави дописникот на МИА од Белград. Исто така, договорена е и средба на Работната група, која ќе се одржи во Тирана кон средината на јули, на која ќе се разговара за соработка во областа на енергетиката, безбедноста на храната и финансиите. Стопанската комора на Србија (ПКС) минатата недела ги покани производителите на вино и винариите од целиот регион до 11 јули да се пријават за учество на Првиот меѓународен саем за вино „Wine Vision by Open Balkan“ кој ќе се одржи од 1 до 4 септември во Белград под покровителство на иницијативата Отворен Балкан. Претходната средба на лидерите на трите земји како дел од иницијативата „Отворен Балкан“ се одржа минатиот месец во Охрид, а на неа присуствуваа и премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседавачот со Претседателството на БиХ Зоран Тегелтија.дма/об/

Остани поврзан