Лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци се договориле да ги продолжат неформалните средби и да се сретнат на Кипар
- Продолжување на неформалните средби, но во проширен состав, како и средба на Кипар на двајцата лидери за да ја разгледаат можноста за отворање нови премини, меѓу другото се согласиле претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар на синоќешната неформална вечера во Њујорк, организирана од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 16 октомври 2024 (МИА) – Продолжување на неформалните средби, но во проширен состав, како и средба на Кипар на двајцата лидери за да ја разгледаат можноста за отворање нови премини, меѓу другото се согласиле претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар на синоќешната неформална вечера во Њујорк, организирана од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на генералниот секретар соопштија дека Гутереш „ги охрабри лидерите да размислат како да го премостат јазот во нивните позиции и повторно да ја изградат довербата за да овозможат движење што ќе доведе до решение“.
- Лидерите се согласија да имаат неформална средба во поширок формат во блиска иднина, под покровителство на генералниот секретар, за да разговараат за патот напред. Тие, исто така, се согласија да се сретнат на Кипар за да ја истражат можноста за отворање нови премини. Генералниот секретар ја истакна континуираната цврста посветеност на Обединетите нации за мирно решавање на кипарското прашање, за доброто на сите Кипрани и идните генерации, соопштија од ОН.
Претседателот на Кипар Никос Христодулидис по средбата рече дека од Татар не слушнал нешто ново, немало напредок во суштинските прашања, но изрази задоволство за иницијативата на генералниот секретар и надеж дека ќе има позитивна разврска во иднина во насока на одново започнување на разговорите за кипарското прашање.
- Имаше отворена дискусија, во одредени точки и конструктивна. Да бидам искрен, не слушнавме ништо ново од господинот Татар, но драго ми е што генералниот секретар одлучи да ги продолжи овие неформални состаноци во проширена форма, како што беше и во минатото и во исто време за неколку предлози што ги доставивме за мерки за градење доверба, посочи Христодулидис.
Претседателот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Ерсин Татар изјави дека на неформалната вечера се разговарало за многу прашања и дека ги објаснил последиците од продолжувањето на ембаргото и изолацијата и нагласил дека „нема да има враќање на официјалните преговори додека не се потврдат суверена еднаквост и меѓународен еднаков статус“.
- Претставив нова визија, бидејќи 50-годишните напори за федерално решение не успеаја, рече Татар.
Објасни дека е договорено следниот состанок со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш да се одржи со учество на Турција и Грција, како земји гаранти.
Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение. ср/сд/