• петок, 05 декември 2025

Лидерите на ЕУ изразија жалење поради несреќата во Лисабон 

Лидерите на ЕУ изразија жалење поради несреќата во Лисабон 

Брисел, 4 септември 2025 (МИА) - Лидерите на ЕУ во објави на социјалните мрежи изразија жалење и сочувство за жртвите во синоќешната несреќа на популарната железничка жичница „Глорија“ во Лисабон, при што, според последните податоци, загинаа 15 лица, а 18 се повредени. 

- Штотуку слетав во Париз и со длабока тага ја примив веста за сериозната трагична несреќа на „Глорија“, која значи толку многу во мојот живот, објави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на платформата Икс. 

Тој во објавата изрази сочувство за несреќата до неговата матична држава Португалија и до градот Лисабон. 

- Моите мисли се со жртвите, со нивните најблиски и со повредените, на кои им посакувам брзо закрепнување, додаде Кошта. 

Во објава, исто така, на Икс сочувство за жртвите изрази и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.  

- Со тага дознав за излетувањето од шините на познатата жичница „Глорија“. Им изразувам сочувство на семејствата на жртвите, наведе Фон дер Лајен. 

Длабока жалост поради „трагичната загуба на животи“ во Лисабон изрази и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. 

- Упатувам искрено сочувство за жртвите, нивните семејства и сите засегнати. Во овој трагичен момент изразуваме солидарност со народот на Португалија, додаде Калас на Икс. 

Најмалку 15 лица загинаа, а 18 се повредени кога вчера околу 18:15 часот по локално (19:15 по средноевропско време) возило на железничката жичница „Глорија“, воведена пред 140 години и популарна меѓу туристите, излета од шините и удри во зграда. 

Локалните власти информираа дека меѓу загинатите има и странски државјани, но нивниот идентитет не е соопштен. Петмина од повредените се наоѓаат во критична состојба. 

Поради несреќата Португалија прогласи Ден на жалост. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан