• петок, 08 ноември 2024

Лидерите на земјите од Г7 пристигнаа на самитот во Хирошима, војната во Украина меѓу главните теми

Лидерите на земјите од Г7 пристигнаа на самитот во Хирошима, војната во Украина меѓу главните теми

Токио, 18 мај 2023 (МИА) - Лидерите на членките на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) пристигнаа на Самит во Хирошима, каде што војната на Русија против Украина ќе биде една од главните теми.

Додека учесниците на тридневниот самит, кој почнува утре, беа на пат кон Хирошима, Москва изврши уште еден воздушен напад врз Киев, каде рано утринава се слушнаа силни експлозии. Тоа беше деветти воздушен напад на руските сили врз Киев овој месец, по неколку недели релативен мир.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, рече дека на Самитот „ќе има дискусии за бојното поле“ во Украина и за постоечките санкции и чекори на кои Г7 колективно ќе се обврзе.

Лидерите на Г7 и гостите од неколку други земји се очекува да разговараат за односнот кон растечката наметливост и вооружувањето, во услови на зголемена загриженост дека Пекинг би можел да се обиде да го заземе Тајван со сила, што ќе предизвика поширок конфликт, пренесува Бета. Пекинг тврди дека Тајван е кинеска територија и редовно патролира со бродови и воени авиони во близина на самоуправниот остров.

Во Хирошима во сила се строги мерки за обезбедување, а илјадници полицајци се стационирани на бројни точки низ градот. Мала група демонстранти се собра синоќа кај споменикот на жртвите од американскиот напад со атомска бомба врз Хирошима во 1945 година, а на еден од транспарентите пишуваше „Нема империјалистички самит на Г7“.

Како своевиден пандан на самитот на Г7, кинескиот претседател Си Џинпинг денеска отвори дводневен состанок во Сиан со лидерите на петте централноазиски држави, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.

За време на состанокот во Хирошима, јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе се обиде да ги истакне ризиците од ширењето на нуклеарното оружје. Се очекува лидерите да го посетат меморијалниот парк во знак на сеќавање на атомското бомбардирање на Хирошима во 1945 година на крајот на Втората светска војна, во кое загинаа 140.000 луѓе. Советникот за национална безбедност Џејк Саливан, рече дека Бајден не планира да се извини во име на САД за употребата на атомската бомба во нападот на Хирошима во 1945 година, но како еден од лидерите на Г7, ќе и оддаде почит на историјата и на јапонскиот премиер Фуми Кишида.

Лидерите на самитот на Г7 ќе разговараат и за зајакнувањето на глобалната економија и растот на цените кои вршат притисок врз државните буџети и домаќинствата ширум светот, особено во земјите во развој во Африка, Азија и Латинска Америка.

Членки на Г7 се САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија, како и Европската Унија.

Лидерите на Австралија, Бразил, Индија, Индонезија и Јужна Кореја се поканети на самитот како гости, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се приклучи на состанокот преку видео врска. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан