Ливит: Трамп сака брзо да биде постигнат договор за ослободување на заложниците во Појасот Газа
- Претседателот на САД, Доналд Трамп сака сите страни брзо да постигнат договор за условите за ослободување на заложниците во Појасот Газа, соопшти денеска Белата куќа
Вашингтон, 6 октомври 2025 (МИА) – Претседателот на САД, Доналд Трамп сака сите страни брзо да постигнат договор за условите за ослободување на заложниците во Појасот Газа, соопшти денеска Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит изјави дека Трамп очекува брзото ослободување на преостанатите заложници за да се создаде моментум за другите делови од планот.
- Сакаме да постигнеме брз напредок по ова прашање и претседателот сака заложниците да бидат ослободени што е можно поскоро, посочи Ливит.
Таа додаде дека е многу важно брзо да се ослободат заложниците, а потоа да се преминеме на следниот дел, создавање на мир во Појасот Газа, со што ќе се гарантира дека палестинската енклава нема да претставува закана за безбедноста на Израел или САД.
Ливит истакна дека техничките разговори што денеска се водат во Египет, во кои учествуваат специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, се фокусираат на деталите за ослободување на заложниците.
- Техничките тимови моментално разговараат за тоа како да се обезбедат совршени услови за ослободување на тие заложници. Тие го разгледуваат списокот и на израелските заложници и на политичките затвореници што ќе бидат ослободени, а тие разговори се во тек, а претседателот е многу ангажиран и редовно се информира за ситуацијата, наведе Ливит.
Индиректните преговори помеѓу палестинската и израелската делегација почнаа денеска во египетското одморалиште Шарм ел Шеик. Предвидено е преговорите да траат неколку дена со присуство на медијатори од САД, Катар, Египет и Турција. ми/
фото: ЕПА