• понеделник, 16 декември 2024

Либанскиот премиер верува дека е можно примирје меѓу Израел и Хезболах

Либанскиот премиер верува дека е можно примирје меѓу Израел и Хезболах

Бејрут, 26 септември 2024 (МИА) – Премиерот на Либан Наџиб Микати изрази надеж дека наскоро ќе биде постигнат прекин на огнот за да се стави крај на борбите меѓу Израел и проиранската шиитска милиција Хезболах што ја потресе неговата земја и доведе до стравувања од копнена инвазија.

Сепак, насилството не престанува. Во текот на ноќта, во израелски воздушни напади биле погодени околу 75 цели на Хезболах во долината Бека и јужен Либан, вклучувајќи складишта за оружје и ракетни фрлачи подготвени за гаѓање, соопшти израелската војска.

Во последниот смртоносен напад, најмалку 23 Сиријци, главно жени и деца, беа убиени кога Израел погоди трикатна зграда во либанскиот град Јунин во текот на ноќта, изјави градоначалникот Али Кусас. Околу 1,5 милиони Сиријци живеат во Либан откако избегаа од граѓанската војна во нивната матична земја.

САД, Франција, Велика Британија и неколку други сојузници повикаа на итно 21-дневно примирје долж израелско-либанската граница и исто така изразија поддршка за договорот за прекин на огнот во Газа по вчерашната интензивна дебата во Обединетите нации.

Микати ги поздрави повиците за примирје, но рече дека клучот за неговото спроведување е дали Израел, кој ја придвижува својата војска поблиску до Либан, навистина ќе се усогласи со меѓународните резолуции. На прашањето дали наскоро може да се постигне договор за прекин на огнот, Микати за Ројтерс изјави дека се надева на тоа.

Техничката влада на Микати вклучува министри избрани од Хезболах, кој се смета за најмоќна политичка сила во земјата.

Примирјето би се однесувало на израелско-либанската „сина линија“, односно линијата за разграничување меѓу двете земји и ќе им овозможи на страните да преговараат за потенцијално дипломатско решение на конфликтот, изјави висок претставник од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

Жанин Хенис-Плашерт, специјална координаторка на ОН за Либан, денеска го поздрави повикот за 21-дневен прекин на огнот за да се овозможи успех на дипломатијата. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан