• понеделник, 23 декември 2024

Лекот „Трикафта“ по изгласување на законските измени во Собрание достапен за сите пациенти на кои им е потребен, порача Ковачевски

Лекот „Трикафта“ по изгласување на законските измени во Собрание достапен за сите пациенти на кои им е потребен, порача Ковачевски

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Лекот „Трикафта“ кој веќе го добија најкритичните пациенти, по спроведената итна постапка, по изгласување на законските измени кои се во Собраниска процедура многу скоро ќе може да се определат финансиски средства и за сите други пациенти кои имаат потреба од овој лек да го добијат, изјави премиерот Димитар Ковачевски. 

-Обезбедивме лек согласно со анализите на Министерството за здравство, пред се Клиниката за детски болести и Клиниката за пулмологија. Итна набавка пред се за најкритичните пациенти. Тие ги идентификуваа дека се тоа осум најкритични. И добро е што добавувачот успеа да го донесе лекот и пред предвидените 30 дена, колку што требаше да се произведе лекот кај производителот, рече Ковачевски на новинарско прашање по посета на маркет во Капиштец.

Во однос на законските измени, подвлече дека тие се прават бидејќи станува збор за лек кој што се произведува од страна на само еден производител, кој што го има патентот, и оти тоа е пракса и кај држави во опкружувањето.

-Држави и дел од државите во нашето опкружување во своите закони предвиделе дека кога се работи за лек кој што го произведува еден производител Министерството за здравство, Фондот за здравство преку свои стручни тимови директно го набавува лекот, бидејќи ако одите преку посредници, тогаш цената на лекот само се зголемува, правите тендерска постапка за нешто што го нуди само еден производител. И заради тоа тие измени се подготвени, ги подготвуваа професори од Медицинскиот факултет заедно со колеги од Фондот за здравство и Министерството за здравство и се пред пратениците во Собранието. Јас сум сигурен дека тоа ќе го изгласаат и врз основа на тоа Министерсвтото и Фондот ќе можат да влезат во преговори за набавка на лек за сите пациенти, која листа на пациенти се добива од страна на клиниките кои се грижат за здравјето на овие пациенти и врз основа на анализите кои тие ги прават точно знаат за кои пациенти кога, каква терапија треба да им се даде, наведе премиерот Ковачевски.

Тој потенцира дека е добро што и при првата набавка која што е направена постигната е цена која е пониска од онаа која што оригинално била планирана, па освен осумте кои се најкритични веќе може да се набави за уште четири пациенти.

Ковачевски информира дека веќе се видел со членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза, со дел од родителите на децата кои изразиле благодарност што за толку кусо време се обезбедил лек за овие пациенти а многу скоро и за другите. вг/аа/

Остани поврзан