• сабота, 23 ноември 2024

Левица ќе ги оспори двојазичните униформи пред Уставен суд

Левица ќе ги оспори двојазичните униформи пред Уставен суд
Скопје, 17 март 2022 За време на економска и енергетска криза, Владата на СДСМ и ДУИ својата неспособност ќе ја прикрива со решавање на непостоечки прашања во општеството, кои водат кон разнебитување на унитарниот карактер на државата. Затоа, Левица ќе ја оспори неуставната владина Уредба за униформата и ознаките на Униформата на полицијата пред Уставниот суд. Скандалозната Уредба е спротивна на амандманот V од Уставот, согласно кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо. Следствено на тоа, оваа Уредба е спротивна и на Законот за полиција согласно кој, полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Притоа, веќе постои Правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и согласно кој, истите се идентични на целата територија на државата и истите не може да се разликуваат во зависност од општините каде се извршува работата. Во изминатите две години, македонското население доживеа низа човечки трагедии, како последица на коруптивните кадри на оваа владејачка коалиција. СДСМ покажува дека нивниот фокус не е веќе на добивање на следните избори, туку задржување на овој мандат по секоја цена, додека ДУИ ја користи нестабилноста на мнозинството за да обезбеди политички поени. Сепак, ова нема да ја спречи владината коалиција да ја закити оваа против-уставна Уредба со невистинити квалитети за инклузивност и прогресивност. Зад овие флоскули стојат регресивни мотиви и желби. Политичката и општествена застапеност на албанската заедница е остварена и одамна на оптимално ниво, но, таа улога многу долго ја врши истата криминална партија, која непрестано покажува дека не ги штити интересите на албанските жители, туку исклучиво работи на зголемување на расцепот во нашето општество. Прогресивната политика подразбира хомогенизација на чувството на припадност и надминување на потребата за етно-трибалистичко етикетирање на сите аспекти од општествениот живот. Под идејата за инклузивност тлеат вистински апетити за федерализација и конечна формална поделба на политичкиот плен. На крајот на оваа цел, стојат многу поголеми предизвици за инклузија, кои допрва ќе треба да ги решаваме, бидејќи сегашните власти активно работат на разнебитување на заедничките врски. Од највисоко значење е запирање на овие процеси, затоа што македонската државност е загрозена од сите страни – во внатрешната и во надворешната политика, и потребно е да се застане во одбрана на принципите кои ни го сочинуваат суверенитетот. Президиум на Левица _________________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан