• сабота, 31 јануари 2026

Левицата: Уставниот суд да отвори предмет за новите скандалозни измени на Кривичниот законик

Левицата: Уставниот суд да отвори предмет за новите скандалозни измени на Кривичниот законик

29 јануари 2026

Со донесените измени на членот 353 од Кривичниот законик, власта на Мицкоски, наместо да ја заостри казнената политика за злоупотреба на службената положба, таа ги намалува казните и декриминализира голем дел од корупцијата при јавните набавки, се наведува во денешното соопштение на Левицата, што МИА го пренесува интегрално.

Наместо да се донесе новиот Кривичен законик, на кој работеше група експерти и седум години стои во фиока, ДПМНЕ целосно ги игнорира забелешките од експертите искажани на јавната расправа и ги донесе скандалозните измени на членот 353.

Со донесените измени од владејачкото мнозинство:

- се намалуваат минималните и максималните казни за злоупотреба на службената положба во држава што страда од неказнивост на функционери;

- првпат се воведува можност за условна казна со намалување на минималната казна на 4 години, која претходно изнесуваше 5 години и не постоеше правна можност за условна казна;

- се намалува максималната казна за злоупотреба на службената положба на 8 години, која претходно изнесуваше 20 години, што значи криминалот на функционерите ќе застарува за 16 години (наместо за 40 години, како што гласеше претходното законско решение);

- се брише ставот што предвидува одговорност за службените лица во органите на државната управа, со што се амнестираат од одговорност министри, директори и други вработени во органите на државната управа.

Јасно е дека со ваквите штетни измени ќе следува уште побрзо застарување на криминалот од функционерите и службените лица и токму поради тоа го повикуваме Уставниот суд да отвори предмет за преиспитување на уставноста на измените на членот 353. Тенденцијата на корумпирана власт очигледно е да обезбеди идна амнестија за криминалните тендери доделени на фирми на роднини и пријатели на нивните функционери и повторно никој да не одговара за системскиот грабеж на парите на граѓаните.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан