Левица поднесе предлог-измени на Кривичниот законик со цел заштита на жртвите на семејно насилство
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 28 ноември 2024
Пратеничката група на Левица поднесе предлог-измени на Кривичниот законик во скратена постапка со цел заштита на жртвите на семејно насилство преку зголемена проактивност на државните органи. Во правниот поредок има директна колизија помеѓу Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и актуелниот Кривичен законик.. Имено, додека Кривичниот законик телесната повреда при семејно насилство го означува како дело кое што се води по предлог, ЗСЗНЖСН го третира семејното насилство како јавно прашање и наложува гонење по службена должност:
Токму поради ова Левица поднесе предлог-измена на член 130 став 5 од Кривичниот законик, со кои измени предлагаме и телесната повреда при семејно насилство да се гони по службена должност. Праксата покажува дека најголем дел од кривичните пријави за семејно насилство се гонат токму по овој член и во голем дел од случаите, самите жртви на семејно насилство го повлекуваат предлогот за гонење на сторителот. Со измена на овој член, ќе се постигне воедначување помеѓу Законот за спречување на семејно насилство и КЗ. Поразителните статистики кои говорат дека сторителите речиси и да не се казнуваат или се казнуваат во само 15% од случаите, а само во 3% од случаите била изречена казна затвор.
Сметаме дека е штетна одредбата која предвуидува За гонење на кривичното дело телесна повреда при семејно насилство потребна писмена согласност од жртвата.. Оваа состојба укажува дека законодавецот не ги зел предвид психолошката состојба на жртвата, заканите, притисоците и надворешните фактори на емотивно ранливата жртва. Доколку делото телесна повреда при семејно насилство се гони по службена должност, тоа ја олеснува позицијата на жртвите и обезбедува независна интервенција од страна на државата.
Промена на членот 130 од Кривичен законик е вметната и во новиот предлог-закон за Кривичниот законик на кој работеше експертска група, но бидејќи најавите се дека новиот Кривичен законик ќе се усвои дури до крајот на следната година, сметаме дека потребна е итна измена во превенцијата на семејното насилство. Секое пролонгирање во заострување на правните механизми против сторителите на семејно насилство значи потенцијално нови жртви. Со постапувањето по службена должност при семејно насилство, државата ќе испрати силна порака дека семејното насилство нема да се толерира и дека ова кривично дело е казниво, независно од влијанието на сторителот врз жртвата, со што би можело да се воспостави одвраќачки ефект врз потенцијалните сторители.
Јована Мојсовска пратеничка од Левица
_____________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
фото МИА архива