Левица очекува во Советот на Охрид да освои најмалку три места
- Во Левица очекуваат на престојните избори да порасне со бројот советници и без неа да не може да се создаде мнозинство, се со цел да се истуркаат повеќе проекти што се дел од програмата на партијата.
Охрид, 4 октомври 2025 (МИА) – Пред граѓаните на Охрид вечерва беше претставена програмата на партијата Левица и презентирана Советничката листа на партијата за престојните Локални избори.
Како што беше истакнато, Виолета Аврамоска како советничка со еден мандат зад себе покажала и докажала дека и со еден советник на Левица во Советот може да биде гласот на охриѓани, да се подигне нивото на транспарентноста , да се слушне гласот на обичните граѓани.
Преку Левица во Советот беа поднесени бројни иницијативи, но заради, како што беше истакнато, поради една заглавена тескопартиска суета, голем дел од иницијативите беа одбиени.
Во Левица очекуваат на престојните избори да порасне со бројот советници и без неа да не може да се создаде мнозинство, се со цел да се истуркаат повеќе проекти што се дел од програмата на партијата.
Носителката на листата, Аврамоска, истакна дека на партиската листа за советници мнозинство се жени, што за неа претставува потврда дека жената не сака да биде само нем набљудувач туку активен креатор на локалната политика.

- Како партија во Советот изминатите четири години бевме единствените кои поднесувавме иницијативи со цел решавање вистински проблеми на граѓаните. Преку писмени и усмени иницијативи и барања пренесувавме иницијативи на граѓаните, кои покажаа доверба во нас. Првата иницијатива што успешно ја реализиравме беше отворањето на простор за деца со церебрална парализа..., рече меѓу другото Аврамоска.
Таа истакна дека овојпат граѓаните на Охрид ќе знаат да изберат меѓу советници на кои четири години не им се слушнал гласот во Советот и советниците на Левица кои искрено и чесно се бореле за решавање на нивните проблеми.
Аврамоска изрази уверување дека на престојните избори партијата ќе освои најмалку три советнички места.
Како поважни точки од партиската програмата на Левица беа издвоени ревизија на сомнителните ДУП-ови, проекти од социјална програма како вработување жени жртви на насилство, предност при вработување самохрани родители, мерки за жртви на семејно насилство од секаков вид, заштита на животната средина, бесплатен паркинг... аб/ац/
Фото: МИА