• понеделник, 23 декември 2024

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Скопје, 19 октомври 2024 
 
Секое трето дете во Република Македонија живее во сиромаштија - ова го потврди извештајот на УНИЦЕФ којшто беше објавен вчера, по повод 17 октомври - Меѓународен ден за борба против сиромаштијата. Извештајот содржи фрапантни податоци, огромен број на деца во државава се без здравствена заштита, топол оброк, обувки и облека.
 
Енормниот раст на цените на основните прехранбени продукти, високата стапка на невработеност, високите цени во градинките, минимална плата која не е ускладена со инфлацијата се само дел од причините за ваквиот исход. Условите за стекнување на детски додаток се престроги и ретко кој може да го оствари ова право.
 
Од друга страна, пак, функционерите, оние кои треба да се борат за социјална правда и благосостојба на сите граѓани, а со тоа и на децата, трупаат енормни приходи, недвижнини и акумулираат милионски суми на име патни и други нерационални трошоци. Додека во анкетните листови ги прикриваат имотот со кој располагаат, фирмите во странство и огромните профити, јавноста ја убедуваат дека државата не може да одвои повеќе средства за социјални политики, целосно бесплатно образование, бесплатни градинки и оброци за децата во воспитно - образовните установи.
 
Македонија по Устав е социјална држава, но дивиот капиталистички систем на управување и алчноста на политичките елити, целосно ја занемаруваат оваа определба на уставотворецот. Ја повикуваме Владата под итно да изнајде решение за кратење на нерационалните трошоци на функционерите и нивна пренамена за сузбивање на детската сиромаштија. Држава во која секое трето дете живее во сиромаштија, неопходно треба да спроведе даночна реформа, да изврши прераспределба на буџетските средства и да овозможи еднакви можности и пристоен живот за секое дете. 

Левица

______________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Остани поврзан