• недела, 30 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Левица: Во Скопје од 13 дискотеки само 2 поседувале лиценца - одговорност за пазарните инспектори

Левица: Во Скопје од 13 дискотеки само 2 поседувале лиценца - одговорност за пазарните инспектори

Скопје, 27 март 2025 

Незамисливата трагедија во Кочани на површина ги изнесе сите недостатоци на трулиот систем, граден 35 години од корумпираните партии и нивните олигарси. Фрапантни се податоци за пропустите и непостапувањето на институциите, кои за жал, се претворени само во биро за вработување на партиски кадри. 

Ситуацијата со работата на дискотеките особено во Скопје е алармантна - само два објекти од вкупно тринаесет работеле со лиценца! И ова не е изолиран случај, туку е системски дозволувана корупција од секоја партија на власт, поради поврзаноста на газдите на овие дискотеки директно со партиите. Ова значи дека цела низа институции не постапувале, почнувајќи од пазарни инспектори, Градот Скопје, градоначалниците, МВР, Министерството за економија. Јасно е дека само владејачките партии можеле да овозможат ваква заштита од безаконие!

Не е доволно што после трагедијата во Кочани, пазарните инспектори во Скопје конечно констатираа дека само два објекти работат со лиценца. Потребно е разрешување на постоечките пазарни инспектори кои во минатото не ја извршиле својата должност и со години толерирале дискотеките на територијата на Град Скопје да работат незаконски. 

Ја потсетуваме јавноста дека во 2022 година, советниците на ДПМНЕ и СДС во Советот на Град Скопје изгласаа одлука летните дискотеки да продолжат незаконски да работат! Иако уште тогаш советниците на Левица алармираа дека овие дискотеки работат незаконски, сепак коруптивната спрега ДПМНЕ-СДС го надвладеа јавниот интерес. Системот е составен од персонална одговорност на оние кои не постапиле (а биле должни) и нема да дозволиме партиски кадри да се штитат под флоскулата “грешки на системот”. Јавно бараме разрешување на сите пазарни инспектори надлежни за територијата на Град Скопје!

 

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

____________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан