• петок, 05 декември 2025

Левица: Власта го одби амандманот за зголемување на противпожарните капацитети

Левица: Власта го одби амандманот за зголемување на противпожарните капацитети

20 ноември 2025

На денешната собраниска комисија, пратениците од владејачкото мнозинство го отфрлија амандманот по предлог-Буџетот за 2026 година, со кој се предвидува зајакнување на противпожарната заштита, се наведува во денешното соопштение на Левица, што МИА го пренесува интегрално. 

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил Хактан, во своето излагање истакна дека во овој предлог-Буџет се предвидени само 16 милиони евра за противпожарна заштита, иако опремата со која располага Македонија не само што е застарена, туку дел од противпожарните возила имаат повеќе од 40 години старост. 

Со амандманот на Левица се предвидуваше зголемување на средствата во оваа ставка за 3.2 милиони евра, имајќи го во предвид и фактот дека и бројот на вработени пожарникари е драстично под потребниот законски минимум. Пратеникот од Левица потенцира дека додека власта одвојува 100 милиони евра за НАТО, Македонија секоја година има огромни загуби поради слабости во справувањето со пожарите - нема центар за обука за пожарникари, нема соодветна противпожарна опрема, нема системи за детекција. 

Со дрското одбивање на овој амандман од страна на власта на Мицкоски, очекувано е дека и наредната година државата нема да има капацитет да се справи со пожарите и повторно последиците ќе се милионски штети по шумскиот фонд. Сето ова е резултат на погрешните приоритети на власта кои се отсликуваат и во овој предлог буџет, каде повторно се издвојуваат недоволни средства за зајакнување на капацитетите за противпожарна заштита, која единствено функционира со донации за опрема и возила.

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица

Фото: Принтскрин

Остани поврзан