• сабота, 31 јануари 2026

Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците и барањата на ССМ за покачување на платите

Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците и барањата на ССМ за покачување на платите

Скопје, 27 јануари 2026

Изразуваме целосна поддршка кон барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на платите. Барањата на ССМ се легитимни, оправдани од секојдновното зголемување на трошоците за живот и насочени кон подобрување на животниот стандард и почитување на работничкиот труд, стои во соопштението на Левица кое МИА го пренесува интегрално.

Поминаа речиси две години власт на ДПМНЕ и исто толкав период на игнорантски однос кон граѓаните кои едвај го поминуваат месецот со најниска минимална и просечна плата на Балканот, иако според тврдењата на Мицкоски сме „четвртата економија во светот и трета во Европа по раст на БДП”.

Ги повикуваме ДПМЕН, ЗНАМ и ВРЕДИ да се разбудат од илузијата. Мицкоски мора да избере дали ќе ја продолжи својата бизнис кариера и ќе му служи на крупниот капитал, прилепен во прегратките на Бранко Азески, или пак ќе почне да ја врши својата премиерска функција во служба на граѓаните. Мицкоски треба да разбере дека извршува државна функција која му налага да го штити послабиот од помоќниот, а не функција на статист во трипартитниот дијалог меѓу работниците, работодавачите и Владата. 

Потсетуваме дека Левица минатата година поднесе Предлог - закон со кој требаше платите на сите работници да се зголемат за најмалку 100 ЕУР. Со тоа, минималната плата сега ќе изнесуваше 500 евра и ќе го избегневме дното во кое се наоѓаме моментално. Наместо тоа мнозинството на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ одлучи експресно да го одби решението, удоволувајќи му на бизнис секторот. 

Трошоците постојано растат, а работникот повеќе нема време за чекање. Затоа, Левица изразува недвосмислена поддршка на протестот на ССМ со јасно барање до Владата конечно да преземе конкретни мерки за подобрување на економскиот статус на работникот, што значи плата која овозможува достоинствен живот!

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан