• понеделник, 23 декември 2024

Лајчак од денеска во нова посредничка мисија во Косово и Србија

Лајчак од денеска во нова посредничка мисија во Косово и Србија

Приштина, 4 јули 2023 (МИА) – Специјалниот пратеник на Европската унија задолжен за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак, ќе допатува денеска во Приштина, во рамки на најновата посредничка мисија за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кабинетот на претседателката на Косово, Вјоса Османи синоќа официјално соопшти дека таа ќе го прими европскиот емисар попладнево во 15 часот.

Дипломатски извори од седиштето на ЕУ во Брисел изјавија за медиумите дека, во обид да придонесе за враќање на Приштина и Белград на преговарачката маса и за намалување на тензиите во северно Косово, Лајчак, на барање на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, ќе оствари средби со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

ЕУ продолжува да апелира до двете страни да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ.

Брисел во саботата, на 1 јули, соопшти дека влегле во сила казнени мерки кон Косово поради непреземањето дејствија за средување на состојбите на северот на земјата. Меѓу мерките е суспендирањето работата на органите на Советот за стабилизација и асоцијација и програмата на ИПА-фондовите. Исто така се откажуваат билатералните средби со претставници на косовските власти, освен оние кои се однесуваат на спроведување на договорите со Србија и на изнаоѓањето решение за косовскиот север.

Дипломатски извори на ЕУ изјавија за медиумите дека санкции ќе се преземат и кон власите во Белград, доколку не ги исполнат барањата за преземање мерки за смирување на состојбите во северно Косово.иа/сд/

Остани поврзан