• сабота, 23 ноември 2024

Лафчиски на редовната конференција на Воениот комитет на НАТО во Прага

Лафчиски на редовната конференција на Воениот комитет на НАТО во Прага

Скопје, 14 септември 2024 (МИА) -  Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој е во тридневна работна посета на Чешката Република, во текот на денешниот ден учествуваше на редовната конференција на Воениот комитет (ВК) на НАТО, која се одржува во Прага. 

Во рамки на конференцијата, информираат од Министерството за одбрана, генералот Лафчиски активно учествуваше на дел од сесиите од ова заседание во дискусиите за прашања кои се од стратегиско значење за Алијансата.

На отворањето на коференцијата поздравни обраќања имаа претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, претседателот на Чешката Република и поранешен претседавач на ВК, Петр Павел и началникот на Генералштабот на Вооружените сили(ВС) на Чешката Република, генерал-потполковник Карел Река.

За време на првата сесија на началниците на генералштабовите беше даден осврт на спроведувањето на одлуките донесени од страна на сојузничките држави на Самитот во Вашингтон во јули оваа година. Додека Алијансата ја прославува 75-годишнината од своето постоење, лидерите на НАТО преземаат големи чекори за дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната, зајакнување на долгорочната поддршка за Украина и продлабочување на глобалните партнерства.

Командантот на Врховната Сојузничка команда за операции, генерал Кристофер Каволи ги брифираше началниците на генералштабовите за напредокот на имплементацијата на плановите, кои Алијансата ја прават посилна во одвраќањето и одбраната од било кој потенцијален противник. Како дел од пакетот за поддршка на НАТО за Украина, се разговараше и за формирањето на нова НАТО команда, која е дизајнирана да планира, координира и организира испорака на безбедносна асистенција.

Во третата сесија, врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација,генерал Филип Лавињ, ги информираше учесниците за напредокот на трансформацијата на начинот на војување на Алијансата во согласност со НАТО процесот за одбранбено планирање (NDPP).

Меѓудругото началниците на генералштабовите разговараа за основањето на НАТО- Украина Центарот за заедничка анализа, обука и едукација (JATEC), важен столб на практичната соработка, за да се идентификуваат и применат лекциите од војната на Русија против Украина и да се зголеми интероперабилноста на Украина со НАТО.

Заклучоците од заседанието ќе бидат соопштени на попладневната заедничка прес-конференција на претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмиралот Роб Бауер и началникот на Генералштабот на ВС на Чешката Република, генерал-потполковник Карел Река. 

Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на генералштабови одржува два редовни состанока во текот на годината, а еднаш годишно заседава во една од сојузничките земји членки.вј/ев/

Фото: МО

Остани поврзан