• понеделник, 16 декември 2024

Ларсон Џаин: Децентрализацијата клучна за аспирациите на Северна Македонија кон Европската Унија

Ларсон Џаин: Децентрализацијата клучна за аспирациите на Северна Македонија кон Европската Унија

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Децентрализацијата е клучна за аспирациите на Северна Македонија кон Европската Унија, со тоа што се јакнат демократијата, локалните самоуправи, се подобрува управувањето и се обезбедува повеќе средства од даночните обврзници, се негува регионалниот развој ... рече меѓу другото, амбасадорката на Шведска во земјава, Ами Ларсон Џаин на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман истакна дека на конференцијата се за да зборуваат за децентрализацијата и за локалните власти.

- Како што знаете, Швајцарија е силно децентрализирана држава и сметаме дека на тој начин може да се обезбеди подобар пристап за граѓаните до услугите што ги нудат локалните власти, а во исто време да се зголеми довербата на граѓаните во работата на властите. Ние уште од самиот почеток работиме на реформите во локалната самоуправа и децентрализацијата и досега е направено многу, меѓутоа сакаме да обезбедиме и постигнатите резултати да бидат одржливи, на што ќе се фокусираме во иднина, подвлече Улман во изјава за медиумите.

Таа напомена и некои предизвици со што се соочувале.

- Прво, да се подобрат ресурсите и капацитетите на локалните власти со цел да се обезбедат подобри услуги за граѓаните. Второ, да се подобри дијалогот меѓу централната и локалните власти. Трето, на што веќе работиме, тоа е обука на советниците во општините, но, исто така треба да се изгради и одржлив систем за обука на сите нови општински советници што ќе следат. На крај да кажам неколку збора што е сржта на децентрализацијата. Тоа е градење капацитети на локалните власти, ефикасно користење финансиски средства, отчетност и транспарентност и учество на граѓаните и сите засегнати страни во локалната власт, додаде амбасадорката на Швајцарија.

Задоволство од денешниот настан изрази и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, кој исто така имаше обраќање пред присутните.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во неговото излагање, ги презентираше приоритетите и заложбите на ЗЕЛС, особено во делот на децентрализацијата и финансиската стабилност на општините.

Тој истакна дека систематизираните ставови на ЗЕЛС, ревидирани секоја година, претставуваат основа за лобирање пред централната власт. Тој изрази задоволство што Владата ја разбира суштината на овие предизвици и активно работи на реформи во локалната самоуправа, вклучително и подобрување на финансирањето и воведување нови дигитални услуги за граѓаните.

- Односот што оваа Влада го има кон општините и ЗЕЛС ни влева надеж дека конечно ќе фатиме чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди, рече Ѓорѓиевски, осврнувајќи се на потпишувањето на новиот меморандум за соработка со Владата.

Меѓу приоритетите што ги издвои Ѓорѓиевски беа подобрување на финансиската стабилност на општините, вклучувајќи го барањето општините да добиваат најмалку 10 отсто од ДДВ и 50 проценти од персоналниот данок, реформи во методологиите за распределба на блок-дотациите, посебно за основното образование, противпожарната заштита и социјалната заштита, зголемување на дигиталните услуги за граѓаните, каде ЗЕЛС има значајни визионерски заложби, реализирани преку платформи како „www.gradezna-dozvola.mk“ и „е-градежно земјиште“.

- Дигитализацијата значи поголема транспарентност, заштеда на време и средства за граѓаните, како и намалување на можноста за корупција, нагласи Ѓорѓиевски пред присутните.

Обраќањето, тој го заокружи со повик за поголема соработка меѓу општините, ЗЕЛС и Владата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните низ целата држава. бд/са/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан