• петок, 27 декември 2024

Лани 515 приговори за услуги во интернет и телефонија, годинава новини за помал дигитален јаз

Лани 515 приговори за услуги во интернет и телефонија, годинава новини за помал дигитален јаз
Скопје, 1 јануари 2022 (МИА) - До Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) лани се поднесени вкупно 515 приговори кои се однесуваат на незадоволство на корисниците од квалитетот на услугата за говор и интернет во мобилна телефонија, преносливост на број, фиксна телефонија, кабелски интернет, говор и интернет во роаминг, кабелска телевизија. Од вкупниот број поднесени приговори до АЕК, кај 41 процент постапката е запрена заради постапување на операторот во текот на решавање на предметот, 22 проценти се позитивно решени од страна на АЕК, 27 проценти се негативно решени, а кај еден процент од предметите се спровело посредување и двете страни се спогодиле. За девет проценти регулаторното тело не било надлежно за проблемот за кој се приговара, поднесувањето на приговорот било ненавремено или документацијата била некомплетна. Од регулаторното тело за годинава најавуваат дека ќе се намали дигиталниот јаз помеѓу корисниците што имаа можност да пристапат до интернет и оние што досега немаа таква можност, во согласност со новите договори со давателите на универзалната услуга. Во новата година за граѓаните треба да станат достапни и 5Г-услуги за што е во тек тендер, а се најавува и влез на нов мрежен мобилен оператор. На крајот на 2021 година АЕК склучи нови договори за универзалната услуга, кои ќе бидат во важност пет години. По спроведена анализа и оцена на поднесените понуди за даватели на услугите опфатени со универзалната услуга, АЕК донесе одлука дека за давател на услугата „Обезбедување пристап на фиксна локација“ и „Обезбедување телефонски услуги“ се определува „Македонски телеком“, за „Обезбедување целосен телефонски именик и целосна телефонска служба за информации“ -  „Р3 Инфомедиа“, а за „Јавни телефонски говорници или други јавни пристапни точки за обезбедување на говорни телефонски услуги“ - „А1 Македонија“. Во рамки на овие договори, давателот на универзална услуга за поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа треба да обезбеди пристап до интернет со брзина од 12 Mbps по прифатливи цени за сите домаќинства што досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии. Станува збор за домаќинства во оддалечени локации за кои операторите немаа комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап и пренос на податоци за да се обезбеди ефикасен пристап до интернет. Овие домаќинства имаат можност да се поврзат на интернет преку некоја фиксна или мобилна технологија во зависност од пристапноста и конфигурацијата на теренот. Овој оператор обезбедува пристап и терминална опрема за пренос на податоци со брзина доволна да се обезбеди ефикасен пристап на интернет од 12 Mbps и за учениците со посебни образовни потреби во редовните и посебните основни и средни училишта, во согласност со законите за основното и средното образование. Според АЕК, со ваквите обврски, кои ги обезбедува давателот на универзална услуга, ќе се намали дигиталниот јаз помеѓу корисниците што имаа можност да пристапат до интернет и оние што досега немаа таква можност. Со договорот за давател на универзална услуга склучен во 2016 година, чија  важност заврши на крајот на 2021 година, минималната брзина на пристап до интернет беше 2 Mbps. Сега веќе е усвоено интернет-брзина за секој краен корисник што е дел од универзалната услуга да изнесува 12 Mbps. Тоа значи пристап до интернет со задоволителна брзина и во најоддалечените рурални подрачја на државата каде што сите граѓани, вклучително и учениците, ќе добијат стабилен интернет-пристап и останати телефонски услуги. Се очекува ова да им биде од помош најмногу на учениците со учење од далечина, како и на стопанствениците во тие подрачја. Минимална брзина од 12 Mbps во Европа, во моментов има само во државава. Само две земји членки на ЕУ, Словенија и Шведска, имаат дефинирана минимална брзина од 10 Mbps, a останатите земји членки на ЕУ имаат помала брзина и од 10 Mbps. Во согласност со Законот за електронски комуникации, универзална услуга е минимален пакет од услуги со определен квалитет, достапен по прифатлива цена за сите крајни корисници во државава без оглед на нивната географска локација. Тоа значи дека давателот што е избран да обезбедува универзална услуга треба да им ја обезбеди на корисниците со пропишаниот минимален квалитет дури и на оние места каде што операторот нема комерцијален интерес за обезбедување услуги, а притоа цените на услугите да бидат еквивалентни на оние што ги имаат другите крајни корисници на комерцијална основа. По брзина на интернет сме петти во регионот, а 29-ти во Европа Брзината на кабелскиот интернет во државата, а во однос на останатите држави од регионот и членките на ЕУ, е на многу задоволително ниво, велат од АЕК за МИА. Во зависност од начинот на пресметување и приказ, појаснуваат, самата анализа е различна од причина што различни резултати се добиваат доколку пресметките се прават по корисник, по можност за пристап од страна на операторите и по вкупен број жители во државата, како и по целокупна покриеност со интернет во државава. - Имајќи предвид дека покриеноста на државава со широкопојасен интернет, брз интернет и супербрз интернет е различна, како и дека населеноста е на пониско ниво во руралните средини, па оттука и покриеноста во таквите средини е на ниско ниво. Севкупно може да се каже дека и да се пресметува по четири различни начини, Северна Македонија во регионот е на петто место од десетте држави на Балканот и на 29. место од 52 држави во Европа. Според податоците од септември 2021 година, можност за пристап до брз интернет (брзина од над 30 Mbps) во државава имаат 82,54 проценти од населението, а во ЕУ е над 86 проценти. Можност за пристап до супербрз интернет (брзина од над 100 Mbps) имаат 63,1 проценти, а во ЕУ е над 60 проценти, информираат од АЕК. Во однос на безжичниот интернет, како што посочуваат, може да се каже дека операторите во државава обезбедуваат мрежи/услуги со значително висок квалитет. Потврда за ова е објавеното рангирање за квалитетот на мрежите во Европа на ниво на држави од страна на порталот www.connect.dе во рубриката Топ тема на 5 мај 2020, каде што Македонија е позиционирана на високото второ место со 193 поени веднаш зад Холандија со 914 поени, а пред Австрија со 902 поени и Швајцарија со 899 поени. Тоа е само потврда за правилните политики што ги спроведува АЕК во делот на стимулирање на операторите да инвестираат во најнови технологии и секако во спроведување на законската регулатива. Секоја година АЕК спроведува кампања за мерење на параметрите за квалитет на услугите што ги обезбедуваат операторите преку јавни радиокомуникациски мрежи и ги објавува на веб-страницата www.komuniciraj.mk, каде што на едноставен, разбирлив, компаративен и транспарентен начин корисниците можат да се информираат за квалитетот на услугите. Алатката на АЕК со која корисниците можат самостојно да измерат брзина на интернет-услуга што се обезбедува преку кабелска мрежа е објавена на https://speedtest.aek.mk. Во последните два месеца, поради технички проблеми, не е во функција, но како што велат од АЕК, се работи на отстранување на проблемот. Во текот на 2021 година до АЕК се поднесени вкупно 107 приговори по оваа основа, a во 2020 година имало 67 такви приговори. 5Г-услуги и нов мрежен мобилен оператор Новина на пазарот за електронски комуникации, според најавите на надлежните институции, треба да овозможи и планираното нудење услуги од петтата мобилна генерација 5Г. Јавното отворање на понудите од тековниот тендер за доделување одобренија за користење радиофреквенции за 5Г е закажано за 5 јануари, а во рок од седум дена треба да се донесе одлуката за избор на понудувачи што ќе учествуваат во предвидената постапка на јавно наддавање. Писма за интерес за учество на тендерот за доделување одобренија за користење радиофреквенции за 5Г, по објавата на АЕК на 1 јуни годинава доставија компаниите „Неотел“, „Битстрим мобиле“, „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“. Операторите што ќе добијат одобрение за национално покривање се должни со новоиздадените и постојните одобренија за користење радиофреквенции да обезбедат покриеност, во согласност со Националниот оперативен бродбенд-план. Раст на користење интернет и онлајн купување Податоците на Евростат покажуваат дека интернет-пенетрацијата во првото тримесечје од 2021 година е зголемена на 83,7 проценти опфат на домаќинствата, наспроти 79,9 отсто во истиот период од 2020 година. Во првиот квартал лани 86,4 проценти од Македонците на возраст од 15 до 74 години користеле интернет, наспроти 81,4 отсто во претходната година. Притоа, 87,8 проценти од мажите користеле интернет за разлика од 85,1 отсто од жените. Дури 80,5 проценти од Македонците биле активни на интернет на дневно ниво, а во однос на родовата распределба, мажите повеќе користеле интернет од жените. Соодносот е 82,6 наспроти 78,4 отсто. Интернетот лани најмногу се користел за телефонирање, односно 90,6 проценти, потоа за следење на социјалните мрежи (85,2 отсто) и за размена на пораки преку Скајп, Месинџер, Ватсап, Вибер… (82,3 проценти). Според Државниот завод за статистика, е-трговијата во првиот квартал лани бележи раст од 15,5 проценти. Спроведената анкета во првото тримесечје од годинава во која испитаниците се изјасниле за направените онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци, покажува раст, односно 46,3 отсто од интернет-корисниците нарачале/купиле онлајн во последните 12 месеци наспроти 40,1 процент во однос на истиот период минатата година. Како и минатите години, најмногу се купувало облека, вклучително и спортска опрема, а за разлика од порано, сега Македонците најмногу купуваат од домашни е-продавници (84,4 проценти). Значаен скок во користењето на интернет-услугите има кај е-банкарството. За разлика од 2020 година, кога само 15,2 отсто од населението ги користело услугите на е-банкарството, во текот на 2021 година бројот е двојно зголемен, односно 31,1 процент од населението користи интернет за е-банкарство. Во првата половина од минатата година вкупната вредност на онлајн трансакциите изнесувала 233 милиони евра, од кои 83 проценти се кон домашни е-продавници, а отворени се над 200 нови е-продавници. Лани беа отворени 439 нови виртуелни продавници, а на крајот од годината имало вкупно 1.459 електронски продажни места, односно е-трговци. Лидија Велковска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан