Лами: Путин треба сериозно да се вклучи во мировните преговори
- Рускиот претседател Владимир Путин треба да „започне сериозно да се вклучува“ во мировните преговори, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.

Лондон, 12 мај 2025 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин треба да „започне сериозно да се вклучува“ во мировните преговори, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
Тој го пофали украинскиот претседател Володимир Зеленски за „неговата подготвеност да учествува во разговори“ во момент кога европските министри за надворешни работи се собраа во Лондон за да разговараат за безбедноста на континентот.
Зеленски го покани рускиот колега на директна средба за преговори со цел да се стави крај на војната овој четврток во Турција. Путин, исто така, предложи директни разговори со Киев.
- Сега е време Владимир Путин сериозно да се посвети на мирот во Европа, на прекинот на огнот и на учеството во разговорите, рече Лами.
Меѓутоа, европските лидери се подготвени и за можноста Путин да одлучи да не постапи сериозно во овој момент, додаде тој.
Британскиот министер за надворешни работи денеска ги прими своите колеги од Франција, Италија, Германија, Шпанија, Полска и ЕУ на состанок кој се одржува по дипломатските напори во Украина за време на викендот.
Се очекува на денешниот состанок на групата „Вајмар+“ Лами да објави дополнителни санкции против поддржувачите на Москва, неколку дена откако премиерот Кир Стармер предупреди дека ќе бидат преземени дополнителни мерки доколку Русија не се ангажира за мир. ссм/
фото: ЕПА