• среда, 27 ноември 2024

Лавров пристигна во Индонезија на самитот на Г-20

Лавров пристигна во Индонезија на самитот на Г-20
Џакарта, 13 ноември 2022 (МИА) - Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска пристигна на индонезискиот остров Бали на самитот на Групата 20 индустриски најразвиени земји и земји во развој (Г20), каде во вторник и среда ќе го претставува рускиот претседател Владимир Путин.
Кремљ во петокот објасни дека Путин не може да оди во Индонезија поради неговиот работен распоред, додека неговото отсуство се смета за знак на изолација поради војната во Украина.
Рускиот министер слета со службен авион на аеродромот во Бали од Пном Пен, каде присуствуваше на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
Руското Министерство за надворешни работи ги повика лидерите на Г20 да се фокусираат на економските прашања, а не на безбедносните кои спаѓаат во надлежност на ОН. „Категорично ја отфрламе политизацијата на Г-20, воведувањето неповрзани и намерно конфронтирачки теми во дискусиите и изолацијата на учесниците врз основа на лажни обвинувања“, соопшти руската дипломатија. Во текот на денот во Индонезија треба да пристигне и американскиот претседател Џо Бајден. Членки на Г20 се САД, Русија, Кина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Турција, Канада, Мексико, Бразил, Аргентина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Европската унија. Тие имаат удел од 80 проценти во економското производство и сочинуваат околу две третини од светското население. паг/

Тагови

Остани поврзан