Лавров му рекол на Арагчи дека не смее да се дозволи обновување на вооружениот конфликт во регионот
- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во телефонски разговор му порача на својот ирански колега Абас Арагчи дека не смее да се дозволи обновување на вооружениот судир на Блискиот Исток и дека Русија е подготвена да помогне во мирно решавање на конфликтот.
Москва, 14 април 2026 (МИА) – Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во телефонски разговор му порача на својот ирански колега Абас Арагчи дека не смее да се дозволи обновување на вооружениот судир на Блискиот Исток и дека Русија е подготвена да помогне во мирно решавање на конфликтот.
Ова е наведено во соопштение за печатот на руското Министерство за надворешни работи, објавено на неговиот канал на Телеграм.
„Лавров ја нагласи важноста од спречување на обновување на вооружената конфронтација, ја потврди непоколебливата подготвеност на Русија да помогне во решавањето на кризата, за која нема воено решение, и потсети на руската иницијатива за развој на Концепт за обезбедување безбедност во Персискиот Залив со учество на сите соседни држави, како и на силите што не се од регионот способни да вршат позитивно влијание врз текот на преговорите“, се наведува во соопштението на министерството.
Арагчи го информирал Лавров за деталите од иранско-американските разговори одржани во саботата во Исламабад. Руската страна „ја поздрави постојаната желба да се продолжат дипломатските напори и да се бараат решенија што ќе овозможат справување со основните причини за конфликтот и постигнување долгорочна стабилизација на ситуацијата во регионот, со почитување на легитимните интереси на Иран и неговите соседи“, се додава во соопштението. јт/мс/
Фото: МИА архива