• сабота, 23 ноември 2024

Лавров: И ако почне преговори со Украина, Русија нема да прави паузи во борбите

Лавров: И ако почне преговори со Украина, Русија нема да прави паузи во борбите

Москва, 19 април 2024 (МИА) - Русија нема да ги прекине борбените операции во случај на продолжување на преговорите со Украина, изјави денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во интервју за три руски медиуми.

Лавров кажа дека Русија е искрено подготвена за преговори, но дека не може да преговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски, бидејќи, како што наведе, тие нема да водат никаде.

-Иако рековме дека сме подготвени за преговори, нема да правиме прекини во борбите. За разлика од тие преговори што се водеа во Истанбул, овој пат борбите мора да продолжат. Исто така, реалноста на теренот денес е сосема поинаква, драстично различна од тогаш, тоа треба да се земе предвид, посочи министерот.

Според него, не се работи само за ситуацијата на теренот, туку и за измените во рускиот Устав, бидејќи во составот на Руската Федерација сега има нови региони.

-Ние сме целосно убедени дека е неопходно да се продолжи со специјалната воена операција, рече Лавров.

Тој беше дециден дека Русија не му верува на украинското раководство.

Шефот на руската дипломатија изјави дека Русија има информации дека на територијата на Украина има француски инструктори заедно со претставници на други специјални служби на европските земји.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан