Лавров: Испораката на Ф-16 за Киев е сигнал дека НАТО е подготвен на се
- Москва ќе ја сфати испораката на американски борбени авиони Ф-16 на Украина како намерен сигнал од НАТО во нуклеарната сфера, што укажува дека воениот блок е подготвен на се, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Москва, 30 мај 2024 (МИА) – Москва ќе ја сфати испораката на американски борбени авиони Ф-16 на Украина како намерен сигнал од НАТО во нуклеарната сфера, што укажува дека воениот блок е подготвен на се, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Според Лавров, борбените авиони Ф-16 долго време се користат во рамките на заедничките нуклеарни мисии на НАТО.
Русија, додаде тој, постојано предупредува дека ќе ги смета авионите испратени во Украина за нуклеарна закана поради нивната способност да носат атомско оружје.
- НАТО се обидува да сигнализира дека е буквално подготвен на се во Украина. Не можеме, а да не го сметаме доставувањето на овие системи на режимот во Киев како намерно сигнализирање на акција на НАТО во нуклеарната сфера, рече Лавров во интервју за „Русија денес“.
Тој оцени дека снабдувањето на Киев со сè поразорно оружје ја потврдува неподготвеноста на Западот да стави крај на конфликтот во Украина. Според него, „Ф-16 нема да ја променат ситуацијата на бојното поле, бидејќи тие ќе бидат уништени како и другите видови оружје што земјите од НАТО и ги испорачуваат на Украина“.
Лавров го предупреди Западот за нуклеарна ескалација, која може да доведе до „катастрофални последици“. Рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец нареди вежба за да се тестира способноста на Русија да користи нестратешко нуклеарно оружје, потег опишан како реакција на непријателските изјави од Западот.
Белгија, Данска, Холандија и Норвешка ветија дека ќе и испорачаат на Украина ловци Ф-16 од американско производство, иако ниту еден досега не е испорачан. Сепак, претходно месецов, данската премиерка Мете Фредериксен најави дека првите авиони ќе пристигнат во Украина „следниот месец“. Украинските пилоти во моментов се обучуваат за авиони Ф-16 во Романија, каде на крајот на минатата година беше отворена школа за летање поддржана од НАТО. јт/
Фото: ЕПА