• сабота, 23 ноември 2024

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - Куќен притвор во траење од 48 часа е определен за две од лицата кои беа задржани за убиството на докторот во скопската населба Железара, соопшти утринава Јавното обвинителство. 

Оттаму информираат дека ваква мерка е побарана со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. 

- Јавен обвинител од скопското Основно јавно обвинителство, синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор, во траење од 48 часа, за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара. Тоа, со оглед на тоа што сѐ уште се преземаат дејствија за обезбедување докази. Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена, се вели во информацијата од Јавното обвинителство.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека се приведени вкупно три лица поврзани со убиството на лекарот.

- Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичка состојба, штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде благовремено известена, изјави Тошковски, при посетата на општина Босилово.

Шеесет и седумгодишниот лекар, минатата недела беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил. Според првичните информации, мотивот за убиството не е поврзан со професијата на жртвата. бд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан