• среда, 27 ноември 2024

Куќен притвор за четворицата Срби уапсени завчера во Северна Митровица

Куќен притвор за четворицата Срби уапсени завчера во Северна Митровица

Приштина, 11 септември 2024 (МИА) – Основниот суд во Северна Митровица им изрече куќен притвор во траење од 30 дена на четирите српски момчиња уапсени ноќта меѓу вторникот и средата во тој град поради навреди и напад врз припадници на косовската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста во изјава за медиумите ја потврдија адвокатите на уапсените Срби, кои информираа дека тие пред судот признале оти ги навредувале косовските полицајци, но негирале дека физички ги нападнале.

„Обвинителството поднесе барање за притвор бидејќи се сомничат дека сториле кривично дело ‘напад на службено лице’. По одржувањето на рочиштето кое траеше доста долго, судијата во претходна постапка го одби барањето на обвинителството и им одреди куќен притвор. Се извинија и признаа дека ги навредувале полицајците, но не и дека физички ги нападнале“, изјави еден од бранителите, адвокатот Шиќири Сила.

Тој рече дека се согласува со мерката куќен притвор за четирите момчиња, за кои нагласи дека првпат сториле кривично дело.

Другиот бранител, адвокатот Небојша Влајиќ, рече дека денешната судска одлука е „мала победа на правдата“, бидејќи обвинителот побара да им се одреди притвор.

„Ова е мала победа на правдата. Мала, затоа што беше одредена мерката куќен притвор. Сметаме дека не требаше да дојде до тоа. Затоа ја нарекуваме мала победа, бидејќи обвинителот побара да бидат притворени“, изјави Влајиќ.

Судијата ја донел одлуката по неколкучасовен распит на тројца од четворицата млади момчиња, кој започнал околу 14 часот.

Младите Срби се обвинети дека нападнале службено лице, а биле уапсени додека се враќале од прослава.

Претходно денеска група граѓани од српска националност се собраа пред полициската станица во Северна Митровица на протест поради ова апсење.

Четворицата млади момчиња се уапсени под сомнение дека провоцирале и нападнале полицајци. Роднините на уапсените тврдат дека биле малтретирани при апсењето, тврдење кое косовската полиција го демантира.

Според медиумите, тројца од четворицата уапсени биле под дејство на алкохол.иа/ссм/

Остани поврзан