• сабота, 23 ноември 2024

Курти: Србија пропагира за насилство врз Србите во Косово, а фактите го кажуваат спротивното

Курти: Србија пропагира за насилство врз Србите во Косово, а фактите го кажуваат спротивното

Приштина, 6 мај 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти објави дека, врз основа на полициските статистики, од 86 убиства извршени во Косово од 2021 до 2024 година, 81 од жртвите биле Албанци, тројца Срби и двајца припадници на други етнички заедници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти преку објава на платформата „Х“ (поранешен Твитер) тврди дека за убиството на тројца Срби, двајца во Северна Митровица и еден во Грачаница, како осомничени се уапсени тројца етнички Серби.

Курти нагласи дека Србија продолжува со тврдењата за наводно насилство врз Србите во Косово, но според него, сите знаат дека тоа е само пропаганда и дека фактите го кажуваат спротивното.

„Официјалните полициски статистики покажуваат дека од 2021 до 2024 година во Косово имало вкупно 86 убиства: 81 Албанец, тројца Срби и двајца од други етнички заедници. Тројца Срби беа убиени во 2022 година; двајца во општина Северна Митровица и еден во Грачаница. Само Срби има осомничени за трите убиства. Во Северна Митровица Србин е осомничен дека ги убил татко си и братот. Во Грачаница Србин е осомничен дека го убил својот брат“, објави Курти.

Според косовскиот премиер, случајот во Бањска, во северно Косово, на 24 септември минатата година, кога тројца припадници на српска паравоена група загинаа во размена на оган со косовската полиција по убиството на полицаецот Африм Буњаку, е посебен.

„Секој човек во Косово, локалец или меѓународник, знае дека српската пропаганда за насилство врз Србите е – само пропаганда. Фактите говорат сами за себе, отфрлајќи ги подмолните лаги и откривајќи до каде е способен да оди авторитарниот режим (во Србија) за да сее хаос“, напиша Курти. иа/ссм/
 

 

Остани поврзан