• понеделник, 16 декември 2024

Курти повикан да сведочи во одбрана на Србин обвинет за воени злосторства во Косово

Курти повикан да сведочи во одбрана на Србин обвинет за воени злосторства во Косово

Приштина, 10 август 2023 (МИА) – Адвокатот Дејан А. Васиќ, кој е правен застапник на косовскиот Србин Д.М., обвинет за воени злосторства во војната од 1998-99 година, го повика косовскиот премиер Албин Курти да сведочи во постапката што се води против неговиот клиент, јави косовскиот портал на српски јазик „КоССев“.

Откако денеска ја предаде молбата во архивот на Владата во Приштина, која ја додал на барањето за сослушување на сведоците упатено до косовското Специјално обвинителство за воени злосторства, Васиќ изјави дека во наредните денови очекува позитивен одговор и закажување на термин за сослушување на Курти.

Напоменувајќи дека Курти бил притворен во времето кога Д.М. работел во окружниот затвор на Приштина, адвокатот Васиќ рече дека очекува од сегашниот косовски премиер да каже „неколку збора за кредибилетот на осомничениот и за неговите постапки“ кон тогашниот диседент, а сегашен премиер.

- Му правел друштво додека бил во ќелија, му носел книги да чита и со него поминувал многу време во разговори... Се надевам дека на овој начин ќе го отклониме сомнежот и ќе докажеме дека Д.М. не направил ама баш ништо лошо кога бил вработен во Окружниот затвот во Приштина. Мислам дека Курти ќе се сети на тоа и дека ќе го каже тоа, изјави Васиќ за „КоССев“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, косовскиот Србин Д.М. беше уапсен на 21 јуни годинава во Кишница, во близина на Грачаница, под обвинение за воени злосторства во војната во Косово во 1998-99 година.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља во таа прилика изјави дека Д.М. се сомничи оти, во својство на чувар на затворот во Липљан во споменатиот период, „вршел тортура и нехумано насилство врз затворениците Албанци, во соработка со други лица“.

Ден по апсењето, на Д.М. му е одреден притвор од 30 дена. Неговиот адвокат, Васиќ, вчера најави дека ќе поднесе барање за сослушување на Курти во својство на сведок на одбраната, односно тоа го предложи на вчерашното сослушување на неговиот клиент од страна на специјалниот обвинител. иа/рп/

Фото: КоССев

Остани поврзан