Курти на следните избори очекува поголема победа од онаа на последните кога освои над 50 отсто од гласовите
- „Верувам дека на следните избори ќе излеземе уште посилни одошто на оние во февруари 2021 година“, изјави косовскиот премиер и лидер на ВВ.
Приштина, 6 јуни 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изрази уверување дека на следните избори, кои треба да се одржат во февруари 2025-та, неговата партија, Движење самоопределување (ВВ), ќе забележи повисок резултат од оној на минатите избори, кога освои околу 51 отсто од гласовите, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за албанската телевизија А2ЦНН (a2news.com), Курти рече дека не верува во анкетите на опозициските партии кои го покажуваат ВВ како губитник на претстојните избори.
„Верувам дека на следните избори ќе излеземе уште посилни одошто на оние во февруари 2021 година“, изјави косовскиот премиер и лидер на ВВ.
Запрашан зошто пропаднаа разговорите за одржување предвремени избори, Курти рече дека другите опозициски партии го отфрлиле предлогот на Демократската партија на Косово (ПДК) за распуштање на парламентот, за што според него, ВВ целосно се согласило.
„Од моментот кога бев во последната година на власт, бев заинтересиран да се сретнам со опозицијата и да разговараме за месецот и сезоната на изборите. Не одговорија позитивно на мојата покана. Првиот човек на ПДК (Мемли Красниќи) ја даде идејата за распуштање на Собранието и ако опозицијата би се согласила, и ВВ би била за. За мене во последната година од власта не е важно во кој месец ќе се одржат изборите, но општо познато е дека во Косово изборите се одржуваат или на пролет или на есен. Ако мандатот оди до крај, паѓа да се одржат во зима. Но, јас верував дека пологично е традицијата да продолжи и да се одржат напролет или на есен, во координација со опозицијата“, изјави Курти.иа/