• четврток, 20 февруари 2025

Кумановци наскоро ќе можат да аплицираат за субвенција за клими

Кумановци наскоро ќе можат да аплицираат за субвенција за клими

Куманово, 16 јануари 2025 (МИА) - Во моментов се подготвува правилникот за критериумите согласно кои кумановци ќе можат да аплицираат за новата мерка која ја нуди општината-субвенција за набавка на клими, информираа денеска надлежните. Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска информираше дека во правилникот ќе бидат опфатени прецизните информации какви документи ќе бидат потребни за да се аплицира за мерката.

- Се изготвува правилник за критериуми според кои ќе бидат поделени двата милиони денари односно 2.000 денари по семејство ќе бидат опфатени 100 семејства. Наскоро ќе се допрецизираат работите и се надевам до крајот на јануари веќе ќе излезе како јавен повик со прецизни информации што треба нели граѓаните да достават какви формулари треба да потполнат, изјави Ѓорѓиевска.

Советот на општината ја изгласа програмата за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на подрачјето на градов за 2025 година. Средствата кои ќе се користат за делумен надомест за граѓаните на територија на Куманово ќе се распределат според редот на пристигнати барања.

- Ова не е социјална мерка, станува збор за еколошка мерка и секој ќе може да аплицира, изјави секретарот на општината, Александар Гелевски.

Куманово претходните години субвенционира приклучок на гас. Во ноември поради зголемувањето на цената за приклучокот, како што тогаш објаснија надлежните од јавното претпријатие „Куманово-Гас“ поради високи цени на приклучни елементи беше утврдено и цената за приклучокот да изнесува 25.000 денари. Гасификацијата, промената на начинот на греење и пошумувањето се долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Изминатиов период преку проекти беа засадени висококвалитетни садници на различни локации. ам/сст/


Фото: МИА

Остани поврзан