Кумановското „Чистота и Зеленило“ подготвено за зимско одржување на улиците
- Согласно одлуката на Советот на Општина Куманово, претпријатието е задолжено за чистење на снегот од улиците, патиштата, тротоарите и јавните плоштади. За оваа намена, од општинскиот буџет издвоени се осум милиони денари.
Куманово, 20 јануари 2025 (МИА) - Jавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово е подготвено за расчистување на улиците од евентуални снежни врнежи, информираа денеска надлежните. Согласно одлуката на Советот на Општина Куманово, претпријатието е задолжено за чистење на снегот од улиците, патиштата, тротоарите и јавните плоштади. За оваа намена, од општинскиот буџет издвоени се осум милиони денари.
- Имаме три специјални машини, камиони со плуг, две метлачки за чистење на плоштадите и трактор со приколка и преден плуг. Во моментов имаме обезбедено 25 тони сол, складирани на улицата „Индустриска“. Доколку овие количини се потрошат, ќе интервенираме со дополнителна набавка - изјави директорот на претпријатието, СашоТомиќ.

Тој оценува дека претпријатието е организациски подготвено за зимските услови
Советот на Општина Куманово ги усвои програмите за 2026 година, кои предвидуваат, шест милиони денари за одржување на јавни сообраќајни површини, 32 милиони денари за уредување и одржување на градско зеленило, осум милиони денари за зимско одржување
-Средствата се намалени во однос на претходната година и сметам дека не се доволни за нормално функционирање. Секојдневно правиме калкулации како да ја надминеме оваа состојба. Очекуваме со ребаланс на буџетот да ги вратиме средствата со кои располагавме претходно - истакна Томиќ.
Во изминатите 40 дена, претпријатието лоцирало и исчистило над десет диви депонии.
- За жал, по седум до десет дена, повторно се соочуваме со истиот проблем. Потребна е поголема соработка со комуналната инспекција и поригорозни мерки, апелира директорот.
Исчистени се повеќе локации, меѓу кои просторот кај Искрин мост, околу хотелите Кристал и Куба,, стари магацини и лозја. Во однос на последните акции за собирање кабаст отпад, иако, „Чистота и Зеленило“ законски не се обврзани за спроведување вакви акции, во изминатиот месец ЈП „Чистота и зеленило“ спроведе четири акции.
- На одредени локации имавме одличен одзив, но не секаде. Планираме акциите да ги прошириме и во приградските и руралните средини - најави Томиќ.

Во рана пролет се најавуваат нови акции, како и засилено озеленување на парковите и јавните површини со зимзелени и листопадни садници. ам/са/
Фото: МИА и „Чистота и Зеленило“