Кузеска: Документот за „Ѓока констракшн“ треба да е јавно достапен
- -Власта вели дека немаат договор со „Ѓока констракшн“ но не велат дека ќе го потпишат договорот. Сега откако видоа дека реакциите на јавноста се навистина бурни во однос на паркингот на Клиничкиот центар со оглед на тоа дека еден отсто е само за државата, а 99 отсто се за фирмата од Албанија којашто би го работела паркингот, тогаш документот пред се треба да биде јавно достапен, рече Кузеска.

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска изјави дека по реакциите на јавноста во однос на стопанисувањето на паркингот на Клинички центар, документот треба да биде јавно достапен.
-Власта вели дека немаат договор со „Ѓока констракшн“ но не велат дека ќе го потпишат договорот. Сега откако видоа дека реакциите на јавноста се навистина бурни во однос на паркингот на Клиничкиот центар со оглед на тоа дека еден отсто е само за државата, а 99 отсто се за фирмата од Албанија којашто би го работела паркингот, тогаш документот пред се треба да биде јавно достапен, рече Кузеска.
Таравари, вели таа, од една страна вели дека тој договор ќе биде само седум-осум години и после тоа нема да има Клинички центар, а Мицкоски, додава, го имаме со друга изјава во која кажа дека нема да се гради нов Клинички центар.
-Значи или тие ја лажат јавноста, или меѓусебе не се договорени или навистина станува збор дека навистина се фатени на дело, за некои провизии и токму затоа веќе даваат различни изјави со што прават конфузија во јавноста, рече Кузеска на прес-конференција пред зградата на ДКСК.
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот изјави дека во врска со стопанисувањето на паркингот на Клинички центар се уште нема одлука на Влада, а договор не е потпишан, и како што кажа, „ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“.
Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор. Ги повика Градски паркинг Скопје да направат ред бидејќи Клиничкиот центар не функционира, како што кажа, во нормални услови.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера изјави дека тендерот за изградба на катни гаражи на Клинички центар ги поминал сите процедури, но се уште не е потпишан договорот со изведувачот, оти треба прво да помине на Влада. -Тендерот ги помина сите постапки како што треба. Значи нема нешто што е нерегуларно. Јас не знам зошто толку паника. Ние уште не сме го потпишале, треба да помине на Влада, па во Влада треба да се видат одредени филтри за сите потребни документи. Дека треба паркинг на Клинички центар тоа никој не го спори, што побргу да има толку подобро. Меѓутоа мене многу ми значи гласот на јавноста. Иако некои викаат дека ценатата од 50 денари (за час) била многу, јас мислам дека во повеќето градови 50 денари е паркинг, каде било. Ако го оставиме со многу ниска цена и тоа не е добро. Сега ни се случува, повеќе луѓе да се паркираат во Болница и да излезат приватно низ градот да се прошетаат, бидејќи е најевтиното паркинг место, изјави Таравари вчера на новинарско прашање за паркингот за Клинички центар и дали ќе го поништи тендерот и кога ќе се реши хаосот со паркирањето, по посетата на болницата во Велес.
Медиумите објавија дека приватниот оператор од Албанија „Ѓока Констракшн“ е единствена компанија која се јавила на повикот за јавно-приватно партнерство. Ако го добие договорот, ќе биде обврзана да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркирање по цена од 50 наместо 30 денари од час, а за возврат на државата ќе треба да и префрли само 1 отсто од годишните приходи. нд/са/
Фото: МИА архива