• понеделник, 23 декември 2024

КУД „Иљо Антески-Смок“-Тетово одбележа 102 години постоење

КУД „Иљо Антески-Смок“-Тетово одбележа 102 години постоење

Тетово, 16 мај 2024 (МИА) - Културно-уметничкото друштво „Иљо Антески-Смок“ од Тетово вечерва со низа активности одбележа 102 години од формирањето на матичното друштво „Бинички“ како и 77 години од возобновувањето.

Во концертната сала на НУ „Музеј на тетовски крај“, поранешен Дом на армија, каде што се одржаа активностите беше и поставена изложба на дел од фотографиите од активностите на Друштвото во изминатите години

- Годинава во Друштвото започна да функционира нова генерација на играорци, група на деца од седум до 12 години кои вечерва го имаа и првиот настап по неколку месеци подготвување. Заслужен за нивниот настап е уметничкиот раководител и кореограф Бобан Трпковски, истакна Милорад Ѓорѓевски, претседател на КУД „Иљо Антески-Смок“.

Пред публиката поетесата Николина Савеска прочита дел од песните напишани од Иљо Антески-Смок, а со делови од драмски монолози се претставија членовите на Драмското студио под менторство на проф. Анѓелина Костовска.

Изложени беа и цртежи од членови на Клубот на ликовни уметници при КУД „Иљо Антески-Смок“, кои работеа под менторство на Татјана Антевска Марковска. Изборот на фотографии беше направен од Горан Ѓоровски и Матеј Бошковски. ас/мд/

фото: МИА 
 
 
 

 

Остани поврзан